Градежништвото во 2021 година по растот од 3,9 проценти во првите три месеци, во вториот и во третиот квартал забележа пад од 2,4 односно 1,5 проценти. Секторот, кој се соочи со поскапување на градежните материјали и помал обем на работа поради мораториумите за градба во претходниот период, постојано апелира за повеќе работа и во нискоградбата и во високоградбата. Пазарот на недвижности, пак, и во минатата пандемиска година регистрираше зголемен обем на трансакции, а продолжи и поскапувањето на становите.
Пандемијата во овој сектор предизвика драстичен раст на цените на репроматеријалите на светските берзи, што пак предизвика раст на цените на градежните производи, кои до крајот на ланската година кај оплатата достигнаа до 55 проценти, кај геокомпозитот до 57,5 проценти, кај термоизолацијата ESP до 61,3 проценти, кај заштитните премази до 44 проценти, кај полимер-битуменот за асфалт до 47 проценти, а кај челичните профили и цевки дури до 95 проценти. Тоа, како што оценија од реалниот сектор, директно се одразува на исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат.
Поскапувањата на производите влијаат и врз цените на становите, како и врз одлуките за приватни вложувања во домувањето (реновирање, реконструкција и слично), што, покрај компаниите, ги засега и приватните инвеститори и граѓаните.
Од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија на крајот на минатата година побараа да се воведе повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 5 проценти за прометот и за увозот на градежни производи, до стабилизирање на пазарот на градежни производи.
– Во моментов зголемените цени се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите која е повисока за 40 отсто . Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите. Мораториумите за градба во Скопје и поскапувањето на цените на градежните материјали си го направија своето и сега становите поскапуваат. До каде ќе одат поскапувањата зависи од многу фактори, а пред се од куповната моќ на граѓаните и од исплатливоста за градба во одредени подрачја“, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора.
Во третиот квартал од 2021, според Народната банка, недвижностите поскапеле за 5,9 отсто. Во првиот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2 отсто, а во вториот 4 отсто. Според тврдењата на приватните инвеститори, квадратен метар станбена површина се продава и до 1.500 евра во општини како Центар и Карпош.
Според ДЗС, од почетокот на 2021 година заклучно со октомври, се издадени 3285 одобренија за градба. Во октомври 2021 имало 509 одобренија за градење, од кои 321 (63.1 процент) за објекти од високоградба, а 57 (11,2 проценти) од нискоградба. Предвидена е изградба на 2 311 станови, со вкупна корисна површина од 164 243 метри квартани.
МИА