Ќе добијат ли кавадарчани конечно нов и модерен градски зелен пазар? Претходните локални власти досега направиле три различни проекти за зелен пазар со трговски центар и паркинг, се потрошиле голем суми на пари, а проектите останале само на хартија. Ова го потврди и градоначалникот Митко Јанчев кој исто така најавува нов четврти по ред ваков проект.
Според Јанчев, новиот зелен пазар ќе биде за секојдневна функционална потреба на граѓаните со покриен простор, а ја истакна и потребата за изградба на уште еден, па граѓаните ќе одлучуваат од каде да пазаруваат.
Градоначалникот Јанчев се осврна и на плановите кои ги имаат по изградбата на новиот пазар.
Претходниот градоначалник исто така од ВМРО-ДПМНЕ во програмата за 2014 година најави постапка за „Изградба на Градски Пазар“. Истиот, овој проект беше вметнат и во предизборната градоначалничка кампања уште од 2009 година. Тогаш на граѓаните им вети дека за една година, кавадарчани ќе добијат нов покриен зелен пазар. Работите застанаа, а останаа само празните ветувања. Кавадарчани сега се прашуваат, ако проектот бил најавен пред 9 години, првата фаза на реализација започнала пет години подоцна, кога ќе биде крајната фаза и дали конечно ќе можат да се израдуваат на овој долго очекуван проект?
Билјана Тошевски