„Индекс на безбедност“: Граѓаните оценуваат највисок индекс за воената, а по неа регионалната и економската – ММС
ММС

Објавено на: 09/3/18 10:58 AM

„Индекс на безбедност“: Граѓаните оценуваат највисок индекс за воената, а по неа регионалната и економската

Република Македонија не се соочува со директна конвенционална закана врз својата безбедност и нема т.н опасност од територијални претензии од други држави односно земјите од соседството. Сепак и понатаму земјата треба да остане внимателна и подготвена да се соочи со заканите врз нејзината  безбедност. Ова е еден од заклучоите во публикацијата „Индекс на безбедност“ која денеска ја презентираа  Факултетот за безбедност и фондацијата „Конрад Аденауер“.

„Членството во НАТО претставува силен мотивирачки фактор кај граѓаните и за сеопфатените безбедносни реформи во Република Македонија, поради што може да се оцени дека произлегува највисокиот безбедносен индекс во безбедносниот сектор“ изјави, доцент д-р Марјан Ѓуровски.

Регионалната безбедност на земјата е зависна од соседните држави. Активната политика во надворешно – политичките односи кои ги презема Владата на Р.М особено во регионалната соработка, извршила во мислењето на граѓаните и нивното изјаснување за позитивно гледање кон регионалната стабилност на земјата и нејзиното опкружување.

„Дел од испитаниците сметаат дека идејата за Голема Албанија се уште и жива и може да влијае во внатрешното дестабилизирање на Република Македонија“, стои во истражувањето кое било спроведено изминатите 6 месеци на 1000 испитаници во публикацијата „Индекс на безбедност“.

Индикации од економски аспект кои би биле сериозна основа за дестабилизација на земјата се наведени економската состојба, невработеноста и сиромаштијата. Социјалниот слој кој нема постојан извор на финансии за егзистенција може да биде подложен на манипулација. Големиот слој на социјално несигурни семејства овозможува опасна политика на манипулација со масите, сметаат испитаниците.

Според извесните ставови на лицата кои беа дел од истражување и индексот за еколошката безбедност може да се констатира дека нивото на еколошка заштита во земјава е едно од полошите, покажува истражувањето во „Индекс на безбедност“.

Во испитувањето на јавното мислење беше дадена можност граѓаните да го оценат работењето на носителите на одлуки во безбедносниот систем на Република Македонија. Најмногу процентуално за оценка 5 се определиле за Армијата на Република Македонија иако процентот е доста мал, но доминантната збирна оценка е позитивна. За полицијата е дадена оценката 4, оценка 3 за Владата, Претседател на Република Македонија, Советот за национална безбедност, како и приватните Агенции за приватно обезбедување. Собранието според резултатите ја има оценката 2, со најниска оценка 1 се изјасниле за судството како најслаба алка од системот во Република Македонија.