Необично е хобито на кавадарчанецот Звонко Спасовски. Навечер, фризерските ножички ги заменува со вжештен метален предмет пирограф, со чија помош исцртува и прави најразлични шари врз исушените лејки. Во последно време, од лејките најчесто прави украсни ламби со светлина која воодушевува и никого не остава рамнодушен.
Во изјава за МИА, за оние што не знаат, тој појасни дека лејка е плод од растение од родот на тиквите и вообичаено во минатото се користела за давање вода или храна на добиток, но и за украс. Со неговите декорации, на секоја лејка, тој и дава дополнителна мистерија. Прецизно, креативно и уникатно.
– Ноќе, кога тишината царува, јас разговарам со лејките, бидејќи го знам „нивниот јазик”. Им давам душа. Тие ми се предизвик уште од детството, вака ми ја објасни својата несекојдневна љубов.
Тој потекнува од селото Марена и ми кажа дека уште како дете постојано бил опкружен со лејките, на кои сега им дава различни шари со помош на пирографот.
– Луѓето ги користат како украси, но имаат и корисна функција. Со нив се црпи вода за добитокот, па затоа некаде ги нарекуваат и црпки, објасни Спасовски.
Тој ми откри дека своевремено стигнал при крајот на студиите по електроника и телекомуникации, но почнал да работи како фризер. Потоа, пред околу 17 години, почнал и да ги дизајнира лејките. Самоуко.
– Еден мој пријател во шега ми вели дека и дење и ноќе сум во светот на лејките. Дење, ми вели, им правиш фризури, а ноќе им даваш нов сјај, се смееше додека раскажуваше за бројните анегдоти од секојдневниот живот.
Ми раскажа дека во 2004 година кога се појавил на базар на ракотворби во Скопје, кога бил награден со плакета за „Најдобар производ” во конкуренција од 150 учесници, организаторите а и посетителите биле вчудовидени од неговата возраст, тогаш имал 39 години.
– Очекуваа овие творби, за кои е потребно многу трпение, да ги изработува постар човек, во пензија. Сега сум на возраст од 56 години, трпението се уште го имам, но видот ми слабее и пак е истото чудење кај многумина што ме запознаваат мене и мојот занает. Се смета дека овие работи може да ги прави само човек кој е во длабока старост, или е замонашен во манастир, коментираше тој во изјава за МИА.
Една ламба од лејка ја изработува за минимум 30 дена, а за посложените му е потребно повеќе време. Негова инспирација била македонската историја и култура.
– Токму мотивите од древното, македонското, ги мамат погледите, особено на странците, сподели тој.
Тие честопати купувале по некоја лејка од богатата колекција што ја изработил.
– Секоја лејка е посебна приказна. На нив им давам ново име и презиме и секој што ќе ги види, во нив препознава најразлични фигури. Секој ги доживува на свој начин. Ова не е ниту лесна ниту едноставна работа. Потребни се време и нерви, концентрација. Секој погрешно направен потег ќе ја расипе. Бидејќи цртањето е со жежок предмет и корекции нема. Потребно е и разбирање од семејството, а јас го имам тоа, изјави Спасовски.
Техниката на изработка е комплексна и се состои од неколку фази Досега има изработено декорации на околу 300 лејки. Тоа се 90 квадратни метри површина, обработена со пирограф. Интересно е и тоа што според негови кажувања, многу познати личности од земјава и странство носеле накит изработен од него со оваа техника, а некои од нив и јавно го имале кажано тоа.
– Една од нив е и познатата рок дива Слаѓана Милошевиќ која јавно има кажано на фејсбук дека носи обетки и ташничка со мои декорации, се пофали овој вешт кавадарчанец.
Има некоја посебна магија во неговите изработки. Магија која освојува. Преку нив, може да се види неговиот живот, да се почувствуваат неговите радост и тага. Тие се потписот и печатот на еден скромен човек кој за себе вели дека не е уметник, а создава уметнички дела.
Во овие празнични денови, лејките и ламбите изработени од неговите раце, даваат посебен шмек на новогодишната еуфорија.
Извор и фото: МИА