Што е попотребно од мирот на земјата и од мирот во секој човек, од мирот во семејството, мирот меѓу народите и државите. Што повеќе им доликува на луѓето од тоа да живеат во мир и да покажуваат добра волја, рече поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан во обраќањето по повод бадникарската церемонија во Соборниот храм.
По чинот на предавањето на Бадникарскиот ќуп и осветувањето на бадниковата погача на новите кумови, г. г Стефан потсети дека стара традиција за овие празници е да се посетуваат семејства на роднини и пријатели, да се обновуваат коледарските песни, како и стари и млади да учествуваат во бадникарските поворки.
– Дали размислуваме за тоа како празнуваме и како го славиме Господа, што му подаруваме, дали носиме доволно љубов и дали имаме доволно љубов за луѓето околу нас? Дали е доволно да имаме љубов само за Бадник, Божиќ и Велигден? Само со живот според верата секој ден ќе ни биде како Божик и како Велигден, истакна поглаварот на МПЦ-ОА, додавајќи дека и покрај се што не снајде, алудирајќи на КОВИД-от, подготвени сме и за денешнито и за утрешниот ден.
Со молитвено објавување на празникот, г.г. Стефан ја заокружи официјалната церемонија. На кумовите им забагодари што продонесуваат традицијата да се пренесува од поколение на поколение.
-Дај Боже празничната радост да не следи во сите денови, порача г.г Стефан по што здравичарот Живко Поповски – Цветин му подари слика со мотиви од Бадник и Божиќ.
-Посакувам МПЦ да е вечна, а верниците да имаат прекрасни празници, нагласи Цветин.
Претходно, тој и кумовите Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, го посетија Домот за стари лица во Злокуќани и на штитениците им врачија пригодни подароци по повод големиот христијански празник Божик.
-Бевме воодушевени од пречекот со погачи, ракија, вино, јаболка. Штитениците се ни подготвиле, како што налага традицијата. Имаше мнбогу убава атмосфера, беше прекрасно исксутво. Луѓето беа подготвени уште од раните утрински часови, им испеавме една песна, а тука беше и Цветин кој кажа убава здравица и им подари на штитениците цвеќиња, изјавија Дац и Митевски откако пристигнаа во Соборниот храм.
-Моите врсници во Домот „Мајка Тереза” испратија честитки за здравје, љубов и радост за сите граѓани во земјава и надвор од неа, дополни Цветин.
Во Соборниот храм беа и стариот кум д-р Никола Пановски, како и минатогодишниот здравичар д-р Миодраг Врчаковски кои пристигнаа со пајтон.
На традиционалната прослава беше и градоначалничката Данела Арсовска. Таа на кумовите, но и на сите граѓани им посака бериќет и годинава, како што рече, да биде многу подобра од минатата.
текст и фото: МИА