ЈСП бара од РКЕ замрзнување на цената на метанот, регулаторите објаснуваат дека не се надлежни – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/22 2:19 PM

ЈСП бара од РКЕ замрзнување на цената на метанот, регулаторите објаснуваат дека не се надлежни

ЈСП Скопје денеска пак ја повика Владата да донесе одлука за субвенционирање на работењето на претпријатието, со оглед на зголемените цени на енергенсите во државата.„Врз основа на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Владата може да донесе одлука за отстапување на нафтени деривати без надомест на Град Скопје, а за потребите на ЈСП Скопје, како што било случај во 2020 година, кога гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС било отстапено за потребите на оваа сообраќајно претпријатие. За намалување на ценовниот шок, ова може да се примени и во случајов кога имаме драстично покачување на цената на електричната енергија и на метанот“, соопштија од ЈСП кое побара измени во Законот за енергетика, за да може на Регулаторната комисија да ѝ се даде можност за замрзнување и регулирање на цената на метанот во кризни ситуации.
Според РКЕ, барањето на ЈСП упатено до нив да се замрзне цената на ЦНГ (метан) е легитимно, но беспредметно и спротивно на закон, затоа што станува збор за пазарна дејност, која не е во надлежност на РКЕ. Во соопштението појаснуваат дека според Законот за енергетика, РКЕ не смее да издава лиценци за трговија со ЦНГ заатоа што пазарот на природен гас во земјава е целосно либерализиран од 1 јануари 2015 година.
Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, РКЕ единствено ги утврдува тарифите за пренос и дистрибуција на природен гас, а не издава лиценци за трговија со ЦНГ. А одлука за замрзнување на цените носи Владата. „Цената на метанот не е регулирана и слободно се формира од  трговците со ЦНГ“, се наведува во соопштението од РКЕ.