По четири дена во новата година во Штип стигна првото новороденче. Девојче тешко четири килограми и 200 грама, од мајка радовишанка, е првата радост во штипското акушерско одделение.
Како што „налага“ традицијата, градоначалниците да одат на посета на првите родилки во годината, штипскиот градоначалник Иван Јорданов денеска дојде во Клиничката болница.
Меѓутоа за разлика од минатите години, овојпат градоначалникот остана пред врата.
Детските подароци и букетот цвеќе, како што стигнаа, така и се вратија во градоначалничкиот кабинет.
Дозволено ли е да се посети мајката и првото новороденче или постојат посебни правила – ова прашање се наметна при денешната делумна посета на штипската Клиничка болница. Чиј протокол затаи, пак, се прашуваа новинарите кои се најдоа во „небрано“ пред вратата на акушерското одделение.
По десетина минути пред врата, по ѕвонење на ѕвончето и „вртење“ телефони, градоначалникот и неговата придружба решија да се вратат назад. Јорданов разочаран од ситуацијата, рече дека ова е невиден преседан, а директорот најверојатно има некаков друг план.
– Морам да напоменам дека добивме дозвола од дежурниот гинеколог и од родилката да ја направиме традиционалната посета која се прави и во сите градови, но оваа година сме спречени од страна на директорот. На вработените во акушерското одделение им е забрането да се реализира оваа посета и да се дадат подароците, рече Јорданов пред болницата.
Подароците рече ќе и бидат дадени на родилката во кабинетот, по нејзиното излегување од болницата, но по нашата сугестија дека мајката е од Радовиш, тој кратко се замисли, па рече дека секако на некој начин ќе бидат доставени до неа.
Директорот на Клиничката болница, пак, Ален Георгиев, телефонски кратко одговори дека никој не бил известен за посетата на градоначалникот, не искомуницирале, а требало да поминат 24 часа од рожбата на девојчето. Тој повеќе информации најави утре, за кога закажа и прес-конференција.