„Не размислуваме за зглемување на цената на билетите за јавен превоз и засега не планираме ни редукција на возниот ред. Бараме Владата да ја субвенционира разликата на цената на метанот или да ја замрзне на нивото на таа од декември“, истакна на денешната средба со новинарите, в.д. директорот на ЈСП Скопје, Иван Илиевски, откако метанот поскапе за речиси 130 отсто.
На метан возат 33 нови автобуси на МАН и за нив, на годишно ниво, горивото чинеше околу 1 милион евра. Со новата цена ќе требаат нешто повеќе од 2 милиона евра, затоа помош од Владата е единствена опција. Според Илиевски, еколошкиот момент е побитен од економскиот, па од тие причини не планира да ги „паркира“ еко возилата.
„Принудени сме да размислуваме какви мерки да преземеме, а тие да не се одразат лошо на квалитетот на јавниот превоз. Ќе го следиме развојот на настаните и зависно од исходот ќе делуваме. Крајна опција, во случај да не ја добиеме бараната помош, е редуцирање на возниот ред. Во меѓувреме, можеби ќе побараме и дополнителни субвенции од Град Скопје“, додаде Илиевски.
Тој рече дека технички исправни за сообраќај се 267 автобуси.
Во моментов, ЈСП Скопје има долг од 240 милиони денари кон добавувачи, но, истовремено крати на непродуктивни трошоци, со цел финансиски да се стабилизира. Илиевски прогнозира дека за 6 месеци, под услов да се продолжи со домаќинско работење, ЈСП Скопје ќе ги надмине загубите.
МИА