Џабе радост на идните пензионери – Од предвременото пензионирање или докупување на стаж остана само ветување – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/22 11:01 AM

Џабе радост на идните пензионери – Од предвременото пензионирање или докупување на стаж остана само ветување

Џабе радоста кај илјадници повозрасни вработени, но и невработени, дека ќе одат предвреме во пензија или ќе си докупат стаж. На тоа ќе почекаат, ако воопшто Владата во наредниот период ги донесе измените во пензискиот закон.

Засега остана само на зборови ветувањето на премиерот во заминување, Зоран Заев, како и на некои владини министри, за можноста за предвремено пензионирање, која ја прифатија и бизнисмените и ССМ. Работите од пред повеќе од четири години, не мрднаа од место.

Заев на почетокот на својот мандат рече дека во првите сто дена од Владата ќе се измени Законот за ПИОМ и ќе им се даде шанса за предвремено заминување во пензија на лицата кои имаат уште некоја година до редовната пензија. Поминаа многу пати по сто дена и се е статус кво.
Ветувањата дадени уште во владината програма беа дека, останува задолжителното пензионирање на 62 за жена и на 64 години за маж, со минимум 15 години стаж, но дека оние кои ќе сакаат, ќе можат да се пензионираат 5 години порано, секако со помала пензија. Исто така, и дека вработените на возраст за пензионирање, а кои ги немаат потребните 15 години стаж, ќе можат да си докупат до најмногу пет години, за што максимално ќе платат 1.500 евра.
И лани од собраниската говорница се зборуваше дека овие измени во Законот за ПИОМ ќе се донесат на почетокот на 2021 година, со објаснување на пратениците од СДСМ, како предлагачи, дека со тоа ќе се ослободат нови работни места за младите. Според нивните анализи, тоа ќе нема финансиски импликации врз пензиите, бидејќи 57 отсто од буџетот кој одеше за Фондот за ПИОМ, се намалиле на 37 проценти и има пари за предвремените пензионери.

Сепак, од лани до сега, Владата не излезе со никакви конкретни податоци, колку предвремените пензии би го оптовариле државниот и буџетот на ПИОМ, за колку проценти ќе биде пониска пензијата, дали има интерес, односно колкав е бројот на граѓаните кои сакаат да одат предвреме во пензија и слични математики.


Според некои пресметки со кои излезе ПИОМ, на пет години пред пензија се околу 52.000 вработени од кои 28.000 мажи и 23.000 жени.
Од Министерството за труд и социјална политика за ММС велат дека не се поминати роковите за носење на овие законски измени и дека:

„Министерството за труди социјална политика ги прави првичните анализи во однос на моделите кои би можеле да се применат, под кои услови тоа би било овозможено и какви би биле финансиските импликации“.
Додаваат дека, според владината програма, флексибилен пензиски систем, со воведување можност за предвремено пензионирање е предвидено да се реализира до крајот на мандатот на Владата 2020-2024 година.
Изминатиов период фокусот на работењето на МТСП беше насочен на подготовка на новиот Закон за работни односи кој се работи преку инклузивен процес во кој се вклучени сите социјални партнери и кој предвидува нови и модерни решенија во интерес и на работниците и на работодавачите, воведување на недела како ден на неделен одмор, пензионирање со возраст од 64 години и 15 години стаж, како и низа проекти во делот на социјалната и детската заштита.
Идејата на Владата за предвремено пензионирање лани израдува голем дел повозрасни граѓани.

„Многу се израдував кога слушнав дека ќе можам да одам 5 години порано во пензија. Иако  пензијата ќе ми беше помала, како-така ќе го протуркав месецот. Имам 20 години работен стаж и сум без работа 2 години иако упорно се јавувам на огласите. Ама во државава никој не те вработува ако си над 55 години. Владата се испофали со мерката, а сега сите замолчеа. Зошто, не ми е јасно“, вели скопјанката С.М (58) која додава дека многу нејзини познати кои се без работа, биле со истото мислење, а некои се радувале и на можноста да си докупат некоја година стаж за да можат да остварат старосна пензија.

Ставката- докуп на стаж е регулирана во Законот за ПИОМ во 2020. Таа важи за лица кои биле вработени пред 2008 и ако нивната фирма отишла во стечај или ликвидација, а има „дупка“ во стажот од неколку години. Па, за да го пополнат стажот од 15 години и да остварат пензија, можат да си ги платат-докупат годините што им фалат. Значи, не може да се докупи стаж за период за кој што лицето немал заснован работен однос. Слична ваква можност беше донесена и во 2015 година, но тогаш ретко кој ја искористи, затоа што беше со ограничена важност од само една година.

Маја Томиќ