Коалициските партнери се оградија од ставовите на Слави Трифонов за „трампата“ со САД за влез на МК во ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/22 11:19 AM

Коалициските партнери се оградија од ставовите на Слави Трифонов за „трампата“ со САД за влез на МК во ЕУ

Трите партии – партнери на Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов во бугарската владејачка коалиција – Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ) се оградија од неговиот став во кој стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ го поврза со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.

Како што јави БГНЕС, координаторот на Пратеничката група на Промената продолжува (ПП) во бугарското Собрание, Андреј Ѓуров истакна дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.

– Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП, изјави Ѓуров за Нова ТВ.

Според него, работите што ги споменува Трифонов не треба да се поврзуваат една со друга.

– Тоа не функционира на меѓународно ниво – да се поврзува една одлука со друга, додаде Ѓуров.

Копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, изјави дека лично не гледа ништо лошо во ставот на Трифонов, но оцени дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин”, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ.

– Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите, рече Атанасов, додавајќи дека Демократска Бугарија не го поддржува предлогот на Трифонов.

Потпретседателот на бугарското Собрание на Бугарија и поранешен бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, кој е член на БСП, исто така се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии е изнесен јасен став за европската перспектива на Северна Македонија.

– Владиниот коалициски договор меѓу ПП, БСП, ИТН и ДБ има јасен став за европската перспектива на Република Северна Македонија. Оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и за Владата во сферата на надворешната и европската политика. Одржувањето широк политички договор и соработка меѓу институциите е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес, оцени Вигенин.

Според него, одржувањето на Консултативниот совет за национална безбедност во врска со темата за Република Северна Македонија, што бугарскиот претседател Румен Радев уште минатиот месец го најави за првата половина на јануари, претставува „добра можност за да се добијат нови информации и за споделување на политички ставови за следните чекори”.

– Секој збор е важен, затоа се надевам дека импровизираните изјави во оваа фаза ќе бидат сведени на минимум, за да не се создаде лажна претстава за „пукнатини” во бугарската позиција или меѓу коалициските партнери, напиша Вигенин на Фејсбук.

Ваквите реакции на Трифонов уследија по неговата објава на Фејсбук во која наведе дека ако „Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, тогаш на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија”.

– Бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за Америка и за членките на Шенген зоната, наведе Трифонов.

По реакциите во бугарската јавност на ваквиот став, Трифонов во нова објава на Фејсбук упати „дообјаснување” кон земјава и кон партнерите на Бугарија во НАТО и ЕУ.

– Кон Република Северна Македонија: Вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и се што е поврзано со историјата на Бугарија. Според него граѓаните на Северна Македонија „треба да си ги признаат историските бугарски корени”.

-Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ: Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно, наведе Трифонов во новата објавата на Фејсбук.

Како што јави Дојче веле, меѓународниот секретар на ИТН, Димитар Гардев, на прашање дали ваквата позиција е официјален став на партијата, изјави дека за партискиот став по ова прашање ќе се разговара денеска.

 

МИА