Мицкоски од Кичево: Со Договорот се подрива нашиот идентитет – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/18 3:58 PM

Мицкоски од Кичево: Со Договорот се подрива нашиот идентитет

Не може да велите дека сте за ЕУ, а државата да ви е прогласена за најкриминална во Европа и сето тоа да е потврдено од Советот на Европа – порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Партијата денеска организираше протестен марш во Кичево, каде Мицкоски уште еднаш го повтори партискиот став дека Договорот со Грција е капитулантски.

Во ЕУ можете да влезете и без капитулански договор, но не можете да влезете без училишта кои што немаат кров, болници без кревети, ниту пак со корумпирани институции. Во Европската Унија немате земјоделци кои се измамени. 20 илјади тони сливи остануваат без пласман, лозарите имаат проблеми житопроизводителите исто така. На нив тоа не им е гајле. Не им е гајле за нивните маки. Единствено си ги гледаат сопствените интереси и што повеќе да збришат денеска за да не остане утре. Тоа ли е таа вредност која што ја прокламирате. Затоа со овие луѓе на власт Европската Унија е далечна идеја, не затоа што нашите пријатели од Европа не не сакаат, туку заради тоа што оваа власт не знае како“, додаде тој.

И за ЕУ и за НАТО сме, рече Мицкоски, ама сме жестоко против овој капитулански договор Ципрас-Заев и тоа е наше право и обврска:

„Зашто сме против? Затоа што го подрива нашиот идентитет и е против  нашите принципи. Заборавете тоа, никогаш нема да се сложиме, овој договор е против нашиот идентитет и против нашите принципи. Од власта, од Заев и од оној министер за надворешни работи за кого слушаме дека наголемо трчка по светов и си бара нова работа од како тука ја заврши работата која што му беше дадена, не слушнавме ниту еден аргумент против нашата теза дека со договорот се уништува институционалниот идентитет на Македонија, ниту една теза спротивна на оваа туку само како папагали шетаат од маса на маса двајца-тројца фатени за рака и повторуваат: заштитивме ова, заштитивме она. Ајде излезете и кажете дали го заштитивте институционалниот идентитет, дали нема да биде Влада на Република Северна Македонија и ќе остане Влада на Република Македонија, дали нема да биде Академија на Науките на Република Северна Македонија и ќе остане Македонска Академија на Науките, дали ќе остане македонска армија и македонска полиција? Не, се избришавте, се сотревте со овој договор. Е тоа е тој институционален идентитет кој што го загубивме“.

„Времето на недопирливи политичари, самозамислени владетели во Македонија ќе заврши кога ќе завршиме со оваа влада. Зоран Заев ќе биде последниот мрачен лик кој ја запоседнал премиерската фотелја и тоа ви го ветувам и ви го гарантирам. На крај, на самиот крај, не можам а да не се потсетам на еден цитат, историски врежан во меморијата на сите оние на кои Македонија и ВМРО им е при срцето: Ако водам – следете ме, ако се двоумам – поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме“, потенцираше Мицкоски.