Место шминки и „штикли“ во чанта, носи оружје – Која е Неда Волчева (27), жената со лавовско срце во редовите на АРМ – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/22 7:46 PM

Место шминки и „штикли“ во чанта, носи оружје – Која е Неда Волчева (27), жената со лавовско срце во редовите на АРМ

Да имаш само 27 години, а два пати да бидеш прогласен за командир на најдобриот вод воопшто не е мала работа. Уште поинтересно е ако токму тој командир е жена со успешна приказна во оваа машка професија.

Ете, тоа е поручник, командир на пешадиски вод, Неда Волчева (27), која со својата висина од 160 сантиметри претставува џебна венера ама со лавовско срце.

Неда го отвори своето храбро срце за ММС, па откри кој е патот по кој чекорела, како се снаоѓала како жена во оваа машка професија, но и за тоа во која фиока се сместени фустаните, „штиклите“ и шминките, неизоставниот дел од животот на една жена, бидејќи сега главен реквизит и е оружјето.

– Уште кога бев средно школо, додуша уште од мали нозе кај мене се развиваше чувството на патриотизам, спортскиот дух.  Од мала знаев дека можам да дадам нешто на мојата држава и дека ќе бидам дел од безбедностите сили, поконктретно од Армијата. Јас сум патриот, си ја сакам државата. Токму поради тој патриотизам и љубовта кон татковината ме натера да се запишам на  Воена академија, се со цел да и служам на државата.

Кој е патот за да се стаса до таму каде што си ти? Сепак, не е доволен патриотизмот и школувањето, тука се обуките, вежбите, знаењето…?

-Такви подготовки имавме на Академија, на разни терени, на Криволак, скијање, пливање… Уште за време на Академија не оспособуваат за да по завршување бидеме квалитетни офицери. Да бидеме подготвени да и служиме на татковината, да знаеме понатаму да ги обучуваме своите војници..

Имало ли вежби што како на жена ти биле тешки, ама со песна си ги поминувала?

-До сега ништо не ми било тешко. Се е предизвик. Прво од самото носење на опремата, тежината, од временските прилики и неприлики. Но, сметам дека ако доволно си ја сакаш работатата пречки нема. Можеш да ги изврши сите задачи, да ги совладуваш сите потешкотии.

Кои скали треба да се поминат за да се дојде до поручник?

-Треба да си подготвен воено, стручно и физички. Плус секојдневното извршување на задачите, квалитетот на нивното извршување дава една оценка за офицер, кој се карактеризира дали е способен или не. Самата Армија си има одредени критериуми со кои се крева чинот. Тука влијае возраста, физичката подготвеност и секако воено стручната подготвеност.

Кога го откри твојот потенцијал, кога сфати дека оваа професија ќе биде твојот животен пат? Односно кога сфати дека си подготвена да влезеш во ваква машка професија? Кој ти беше идол или предизвик?

-Строева изграденост, посветеност кон  извршување на работните задачи, желбата за извршување на задачите, професионализам, сето тоа покажува кој ќе ти биде животниот пат. Јас сум прво воено лице во моето семејство. Само патриотизмот беше предуслов за да се запишам на Академија. Освен тоа уште од мали нозе почнав да се занимавам со спорт. Првиот спорт, на осум години, ми беше карате, потоа тренирав  фудбал, па кошарка, кик бокс, па ракомет и во целиот тој сплет на физички активности почнав и со теретана. Затоа физички бев подготвена да одговорам на сите предизвици.

Дали кај тебе имаше неизвесност како ќе те прифатат во оваа машка професија, односно како ќе се носиш со реченицата „Ех, па таа е жена!“?

-Предрасуди дека жена не може да работи некои работи, дека не е за армија и полиција, дека треба дома да чисти и да пегла, секако дека има. Но, јас преку личен пример покажувам дека тоа не е така. Напротив, дека секој може да одговори на секој предизвик ако сака да работи нешто. Значи во Армијата не е важно дали си жена или маж,  туку се бара воено-стручна подготвеност,  физичка способност и желба.  И тоа веќе се покажува на дело дека жените веќе почнаа да владеат со светот.  Во мојот вод имам три припаднички на понежниот пол, останатите се машки. Жените се рамо до рамо со мажите.

Дали мажите негодуваат кога ги командуваш? Како реагираат?

-Супер, нема никакви проблеми. Ме прифатија уште првиот ден. Кога имате самодисциплина, кога имате строг став, кога вашиот збор е последен, тука нема никаков проблем.  Си ја знам работата. Секојдневно учам, читам воена литература, се надоградувам и немам проблем.  За овие три години не сум се соочила со проблем. Никогаш. Армијата е така конституирана да потчинетите мора да ги почитуваат наредбите на претпоставените. Без разлика дали си маж или жена.

Како се снаоѓаш како кавадарчанка, која живее во Скопје, а работи во Штип?

-Се преселив во Скопје затоа што првото работно место  ми беше во Куманово и бидејки немав превоз до Кавадарци дојдов во Скопје. Но, по една година добив прекоманда во Штип, во батаљон и горда сум. Мислам дека е чест и привилегија да си таму. Навистина има голем квалитетен кадар и секој ден патувам. Наутро се будам во темница, се враќам во темница.

Со оглед на тоа што си многу професионално преокупирана, колку ти трпи приватниот живот?

-Знам да си најдам време за себе иако после работа, кога ќе дојдам дома пак сум посветена на работата, бидејќи мора да се подготвам за наредниот ден. Мора воено-стручно да се надоградувам, меѓутоа знам да си направам план, како ќе ми се одвива денот и да си најдам време да се посветам на себе. Да одам во теретана, да се видам со другарки, да одиме на кафе, на пливање, читање книги. За време на викенди одам во Кавадарци за да си го видам семејството. Гледам барем еднаш месечно да одам во Кавадарци, да си ги видам моите, а најмногу внучињата. А сакам и да патувам, желба ми е да ги посетам Малдивите.

Колку имаш време да се посветиш на љубовта или мажите се плашат од силни жени? Колку твоето момче ти ја разбира и прифаќа професијата и обврските што таа ги носи?

-Искрено љубовта не трпи многу. Време може да се најде за се. Наоѓам време, секако.  Мажите пред се се импресионирани, мислам дека тие предрасуди за жените веќе се тргаат на страна. Жените веќе се самостојни, не мора се да се чека од мажот. Еве и во мојот случај дечко ми одлично ме има прифатено. Ја знае мојата професија и обврската околу неа, има разбиање. И тој си е посветен на својата работа и нема проблеми.

Како се облекуваш приватно? Носиш „штикли“, фустани, се шминкаш ли?

-Не, јас повеќе сум спортски тип. Можеби и поради фактот што од мала се занимавам со спорт, па сакам да носам тренерки и нешто секојдневно. Не сакам фустани, „штикли“ и шминки, но знам да се дотерам кога има некоја пригода или некоја свадба. Во гардероберот имам доволно таква гардероба ама патиките ми се главни. Не се чувствувам природно на штикли. Затоа кога ќе одам на шопинг предност имаат патики, фармерки, тренерки…

За жените велат дека не се знае што носат во чантата, во несесерот. Што има во твојот?

-Од шминка нема ништо, само прибор за лична хигиена. Ниту кармин. Ништо, ништо. Немам ниту желба, ниту време за шминкање.

Како успеваш да ја одржуваш линијата, кога станува збор за храната?

-Јас внимавам, се хранам здраво иако некогаш знам да земам нешто благо или сендвич. Сакам да си готвам здрава храна, или, пак, нарачувам. Гледам да се хранам здраво, земам витамини, минерали , користам суплименти кога вежбам, а леб не јадам. Јадам месо, салата, овошје, вода и суплименти. А од храна се ми е омилено, особено домашната храна, која ќе ми ја зготви мајка ми. Сарми, мусака,гравче.. Готвам и јас, месото го динстам, а рибата ја печам. Алкохол не пијам.

Па, како е можно човек од Квадарци да не пие вино и ракија?

-Хахахха.. Не е прв  пат да ме прашаат ова. Да, и моите во Кавадарци произведуваат ракија, но не ми се допаѓа. Повеќе би се напила некој природен сок отколку алкохол. Порано сум пиела алкохол за некоја пригода или прослава, но сега ни тоа. Не сакам алкохол.

За војните лица се вели дека се многу педантни, се им е под конец.  Како изгледа твојот гардеробер?

-Хахах влијае професијата, да. Како во средување на шкафот, на станот, така и во  комуникација со цимерките или со моите дома знам да искомандувам. Професионална деформација. Хахаха.. Па кога ќе се сетам дека не сум на работа, ќе попуштам.

А со дечковците како е?

-Хахахах…. Постојат такви шеги, но се наоѓа златна средина. Во една врска мора да има компромис, се разбира тоа.

И покрај сите обврски подготвена ли си за мајчинство?

-Има време за тоа. Секој си има свои цели во животот, а една од тие цели е и тоа, мајчинството. Семејството, како и работните обврски, треба да се основа на се и да се градат. Но, има време за тоа. Мајчинството ќе почека.

А имаш цел за достигнување во АРМ, кој е твојот врв?

-Целта нема да ја откријам, но можам да кажам дека се гледам како успешен офицер, кој ќе биде квалитетен и подготвен да командува со војниот персонал.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски / АРМ