Лидерот на движењето Има таков народ, Слави Трифонов преку Фејсбук статус во кој повеќе навредува, отколку што нуди решенија, побара на Бугарија да и се укинат визите за САД и земјата да влезе во Шенген зоната, за да го тргне ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
На последните избори неговата партија влезе во новата бугарска влада и го доби местото министер за надворешни работи. На тоа столче седна Теодора Генчовска од ИТН, предложена од Трифонов, а Бујар Османи ќе има тешка задача да ги разубеди Бугарите да го тргнат ветото на патот кон ЕУ.
Политичарот, односно шоумен, вели дека „темата за Северна Македонија е важна за сите Бугари затоа што над 200.000 бугарски војници загинаа за слободата и единството на оваа земја“.
„Еднаш отидов во Македонија. Во Скопје, наспроти бугарската амбасада, имаше голем натпис испишан со спреј. Натписот гласеше: „Бугари, е…. се!“ Стоев против овој натпис половина час. Го гледав и си помислив – зошто луѓе, што ви направивме за да доживеете таква омраза? Зарем од чисто историски и емотивни причини не треба да биде спротивното? Зарем стотици илјади од вас немаат бугарски пасоши? За да добиете бугарски пасош, мора да ги докажете бугарските корени. Така, вие што имате бугарски пасоши во Македонија, извинете се – во Северна Македонија и самите сакате да бидете мртви. Затоа што си Бугарин. Со пасош. И по ваша волја. Во твоите историски книги пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, вие самите сте фашисти“ напишал Трифонов на Фејсбук.
Тој имал идеја како Бугарија да ја крене рампата за Македонија и дека се зависело од Американците кои многу не сакале. Од САД бара граѓаните на Бугарија, како и останатите земји до ЕУ да патуваат без визи. Бугарите биле полноправна членка на ЕУ и бидејќи биле Европејци, требало да одат во Америка без визи.
„И второ, повторно, бидејќи ние сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија треба веднаш да стане членка на Шенген зоната. Чекај, чекај, чекај и ние треба да бидеме Европејци, но ние сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи – веднаш нема визи за Америка и за членките на Шенген.
Бидејќи САД и Европската унија сакаат да бидеме лојални партнери – во ред, но лојалноста оди на двете начини. Ние ќе им бидеме лојални, но и тие нека ни бидат лојални. Ова е вистината. И така е. Под овие услови, и доколку Македонците, се извинувам – Северномакедонци, ги исполнат нашите услови потпишани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, можеме да го започнеме преговарачкиот процес за дозволување на Северна Македонија во Европската Унија“, додал Трифонов во новогодишното обраќање кон граѓаните, провоцирајќи ги македонските граѓани кои извадиле бугарски пасоши, како и меѓународната заедница предводена од САД.
Извор: Facebook