Основно училиште со капацитет за над 500 ученици ќе се гради во Визбегово – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/21 4:20 PM

Основно училиште со капацитет за над 500 ученици ќе се гради во Визбегово

Почнува изградба на основно училиште во Визбегово во општина Бутел, на вкупна површина од 12 029 квадратни метри и со капацитет за над 500 ученици, соопшти Министерството за образование и наука.

Склучениот договор за изведување на градежните работи за изградба на објектот, информира МОН, е во износ од 106.590.812 денари со ДДВ, а реализацијата е планирано да заврши за 18 месеци.

– Со изградбата на овој модерен училишен објект, во чиј состав е предвиден и простор за рекреација и спортување, се одговара на долгогодишните потреби и барања на жителите од населбата Визбегово. Со изградбата на новото училиште ќе се надополнат и потребите за економски развој на овој дел од градот, наведува МОН.

Министерството во соопштението посочува дека забрзано инвестира во осовременување на образовниот систем и квалитетно образование достапно за секое дете. Покрај во нови објекти, реконструкција и санација на постојните, за што во 2021 година се обезбедени една милијарда денари, МОН во изминатиот период вложи во нови наставни програми, опрема, нагледни и дидактички средства и 260 нови кабинети по природни наука.

– Со овие инвестиции правиме трансформација на националниот образовен систем преку кој го поттикнуваме полниот потенцијал на секој ученик и ученичка. Дополнително вложуваме и во унапредување на наставниот кадар, кој е клучот за квалитетно образование, за што е обезбедена континуирана обука и поддршка, информира Министерството за образование и наука.