Од први јануари новата цена електричната енергија ќе биде повисока за 9,48 отсто, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Се укинува и дневната евтина тарифа и отсега двојно поевтин киловатчас домаќинствата ќе имаат само во текот на ноќта, од 22 до 7 часот наутро, и во неделите. Или, ако досега сме плаќање месечно по 1.500 денари за струја, отсега сметката ќе е поголема за околу 135 денари.
„Доколку се прифатеа барањата на енергетските компании, реалното поскапување ќе беше за околу 38 отсто. За покривање на големите трошоци на енергетските компании за увоз на струја, РКЕ побара од Владата да им помогне за да ја одржат ликвидноста додека не се стабилизира состојбата со електричната енергија во Европа и регионот во текот на наредната година. Ние побаравме солидарност од нив, и успеавме да тргнеме 25 милиони евра кои беа прикажани како трошок од обновливите извори на енергија, а чија струја отсега на домашните компании ќе им се продава по цена од 105 евра за мгвч., што е многу поевтино од увозната која во моментов е 280 евра за мгвч.“, изјави Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ на прес конференција.
Тој додаде во интерес да нема драстично зголемување на цената на струјата за граѓаните, намалени се профитите на компаниите кои им се гарантитани со методологија, кај МЕПСО и Електродистрибуција за околу 90 отсто или за 21 милион евра. Потсети дека ЕСМ ќе ја продава целата струја на домашниот пазар која е по цена од 41 евро за мгвч.
„Со укинувањето на дневната евтина тарифа на ниво на увоз, заштедени се околу 100 илјади евра днево. Ако не се укинеше днецвната тарифа, зголемувањето на цената ќе беше 14,23 отсто“, рече Бислимоски.
Кон крајот на јануари РКЕ ќе го смени и концептот на тарифи и ќе воведе блок тарифи за одредена потрошувачка, зависно колку се троши.
М.Т.