НБРСМ: Странските инвестиции достигнаа 200 милиони евра во трите квартали од 2021, за 50 отсто повеќе од 2020 – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/21 1:27 PM

НБРСМ: Странските инвестиции достигнаа 200 милиони евра во трите квартали од 2021, за 50 отсто повеќе од 2020

Во 2021 година нето странските директни инвестиции забележуваат попозитивни остварувања, со 200 милиони евра во првите три квартали, што е повисок износ за 50 отсто во однос на истиот период од 2020 година, кога тие изнесуваа 100 милиони евра. Се очекува дека овие трендови ќе продолжат и во натамошниот период, при очекувања за натамошен раст на глобалната економија и постабилни согледувања на меѓународните инвеститори. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска, во интервју за ТВ Ал Џезира. 

Таа посочува дека се гледа постепено закрепнување на инвестициите, но тоа оди побавно во однос на другите компоненти од БДП, односно во просек, растот на инвестициите е околу 3,4 отсто што е сепак позитивно придвижување, наспроти големиот пад во 2020 година од околу 16 отсто. „Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и во следнава година, за кога се проектира вкупен економски раст од 3,9 отсто. Странските директни инвестиции се исклучително значајни за економската активност, бидејќи тие овозможуваат пристап до надворешни извори на финансирање на растот, што е многу значајно за мали економии коишто немаат доволен обем на капитал за финансирање на растот“, изјави таа, додавајќи дека минатата година, при големиот пандемичен шок, дојде до значително забавување на странските директни инвестиции кај нас кои изнесуваа околу 1,5 отсто од БДП или половина од она што беше стандарден износ пред пандемијата.

Ангеловска-Бежоска истакна дека, според процени на ММФ, во отсуство на силната реакција на монетарната и фискалната политика, во глобални рамки, падот на економската активност можеше да биде тројно посилен.