Во 2020 сме создале 913.000 тони отпад, по 452 килограми секој – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/21 12:24 PM

Во 2020 сме создале 913.000 тони отпад, по 452 килограми секој

Секој жител во 2020 година создал по 452 килограми комунален отпад, што е раст од четири килограми во однос на 2019 или дури 68 килограми повеќе споредено со 2016 година. Од вкупно создадени 913 илјади тони комунален отпад, околу две третини или 630 илјади тони се собрани и завршиле на депонија. Најмногу произведен и рециклиран отпад е од хартија, покажува Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика за демографските и социоекономските состојби во РСМ во 2020 година.
Комуналниот отпад го опфаќа отпадот од домаќинствата, вклучувајќи го масивниот отпад, сличен отпад од комерцијални и трговски дејности, службени згради, институции и мали бизниси, отпад од дворовите и градините, уличен смет, содржината на отпадните контејнери и отпадот од чистењето на пазарите.
Вкупно, во 2020 година се создадени 913.033 тони отпад, додека собрани се 630.086. Деведесет и девет проценти од собраниот отпад, според годишникот, е фрлен во депонија. Разликата меѓу создадениот и собраниот отпад изнесува 282.947 тони отпад, што не се вбројува помеѓу отпадот кој завршил во депонија.
Создадениот комунален отпад за 2020 е помалку од 2019, кога изнесувал 915.943 тони, но повторно има нагорна линија, за разлика од 2016 година, кога имало 796.585 тони отпад.
Собраниот отпад, од друга страна, забележува благ пад со 2. 398 тони помалку, за разлика од 2019, кога биле собрани 632.484 отпад.
Најголемо количество отпад на внатрешниот пазар за 2020 година е во форма на хартија и картон, вкупно 26. 308 тони. Пластика има 5.699 тони помалку од хартија и картон, односно 20.609 тони, додека, истата е рециклирана во количина од 6.396 тони, односни 31 процент. Зад нив е стаклото со 11.577 тони, а 3.781 тони, односно 32 проценти отишле во рециклажа.
Количеството дрво на пазарот во 2020 година изнесува 913 тони, на метал 3.918 и на композити материјали 3.766. Од нив, дрвото е рециклирано во 527 тони, односно пет проценти, металот 955 тони или 24 проценти, додека за композитните материјали нема податоци.
Севкупно, во 2020 количеството отпад пуштено на пазарот изнесува 79.434 тони, додека, рециклирани се 34 580 тони, што претставува само 43,53 проценти рециклиран дел.