Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на сите граѓани им посака среќна и бериќетна Нова година.
За претстојните празници, потсетува Спасовски, дека треба да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските.
– Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера, вели во новогодишното обраќање Спасовски.
Зад нас е уште една турбулентна година, првенствено предизвикана од продолженото дејство на коронавирусот кој, за жал, сѐ уште не го прогласи својот завршеток, подвлекува министерот, притоа наведувајќи дека ова беше и година кога го положивме демократскиот испит за зрелоста со успешно организираните Локални избори 2021, поставувајќи ја нашата држава на едно ново, повисоко ниво.
МИА