Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, вечерва излезе од затворот „Скопје” во Шуто Оризари, откако Апелацискиот суд Скопје, како што беше соопштено доцна попладнево, ја прифати жалбата на обвинетиот за определување мерка притвор за предметот „Плацови на Водно”.
– Според решението на Апелациониот суд, жалбата на обвинетиот се прифаќа, а првостепеното решение се преиначува така што притворот спрема обвинетиот се укинува и се наложува истиот веднаш да биде пуштен да се брани од слобода. Решението на второстепниот суд во текот на денов ќе биде експедирано до странките во постапката и КПД Затвор – Скопје, соопштија претходно од Основен кривичен суд Скопје.
Портпаролот на Апелација, Татјана Дуковска, за МИА претходно потврди дека Апелацискиот суд во Скопје ја уважил жалбата на одбраната за притвор на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, определен во случајот „Плацови на Водно” и го преиначи првостепеното решение.
Дуковска најави дека утре одлуката и целото образложение ќе биде објавено на веб страницата на Апелацискиот суд.
На прашањето дали одлучувал истиот состав на Кривичен совет, како и претходно, таа изјави дека Кривичниот совет во судот е еден совет, со тоа што редовните судии имаат и заменици судии кога се спречени да постапуваат.
Инаку, претходно адвокатите на Мијалков поднесоа гаранција во имот вреден 11.106.501 евро дека тој нема да избега, за притворот што претходно го имаше во случајот „Трезор” и првостепено е осуден на осум години затвор. Апелација ја прифати гаранцијата и го укина притворот минатата среда, но Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција истиот ден побара притвор за случајот „Плацови на Водно” каде тој е еден од обвинетите.
МИА