Во Белград ќе се работи анализата за радиоактивноста на водата од ХС „Злетовица“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/21 7:48 PM

Во Белград ќе се работи анализата за радиоактивноста на водата од ХС „Злетовица“

Финалната одлука за тоа кога во Штип ќе почне да се употребува водата од ХС „Злетовица“ е на институциите, кои ги прават анализите за квалитетот на водата. Градоначалникот Иван Јорданов неодамна јавно го искажа незадоволството од, како што рече, непотребното одолговлекување на резултатите од анализата на водата од „Злетовица“ што ги работи Институтот за јавно здравје.

Примерок од водата е испратен до Институтот за јавно здравје и веќе некое време нема резултати. Како што изјави Јорданов, интервенирал до директорот на ИЈЗ, од каде му било објаснето дека расипан е апаратот, со кој се работи контрола на радиоактивноста на водата.

-Инсистирав испитувањето да се направи во некоја друга држава, во некој друг институт, од каде ќе имаме резултати. Примероци од водата се испратени во Институт во Белград и се надевам за кратко ќе добиеме првични резултати, кои ќе користат да ја пуштиме водата од „Злетовица“ за употреба, изјави градоначалникот Јорданов. Тој додаде дека за примање на планинската вода од „Злетовица“, направена е преадаптација со најсовремен метод на ултрафилтирање и по добивањето на резултатите, ќе може водата да се пушти во системот за употреба.

ЈП „Исар“ во чија надлежност е водоснабдувањето има големи сметки за струја, поради користењето на моторите на електрична енергија за рени бунарите. Околу 70% од сметките за струја отпаѓаат на моторите од рени бунарите, поради што раководството се надева дека преземањето на водата од „Злетовица“ значајно ќе ги намали сметките за струја.

„Исар“ веќе должи половина милион евра за струја, а неодамна остана и без снабдувач со струја, откако договорот им беше раскинат.