Околу 30 милиони денари или 500.000 евра е заостанатиот долг на ЈП „Исар“ кон фирмата која до сега го снабдуваше комуналното претпријатие со струја. Договорот неодамна е раскинат и од 1 јануари јавното претпријатие останува без снабдувач со струја. Оваа информација пред штипските советници ја сподели в.д. директорот на „Исар“ Трајче Здравков, кој објасни дека со новите високи цени на струја, во перспектива од досегашните 4-5 милиони денари ќе требаат по 20 милиони денари за обезбедување на струја за рени бунарите, кои обезбедуваат вода за пиење.
-Додека не преминеме на друг снабдувач, ќе треба редовно да се плаќа на ЕВН, која нема да толерира неплаќање. Се работело недомаќински, треба да мислиме како да ги решаваме долговите. Ако се блокира сметката, „Исар“ нема да може да си ги извршува редовните обврски, рече Здравков.
Како што објасни, долгот се наталожил пред четири години, кога јавното претпријатие потпишало договор со компанијата за снабдување со струја, која дала шестмесечен грејс период. Сметките за таа половина година никогаш не биле платени, по што едноставно се преминало на плаќањето на следните сметки. Долгот се наталожил и со камати достигнал околу 30 милиони денари.
На прашањето дали преземањето на водата од ХС “Злетовица“, која ќе испорачува вода за 4,78 денари за кубик ќе значи и намалување на сметките за струја, Здравков вели дека тоа ќе им ги преполови сметките.
-Пумпите за вода се најголемите потрошувачи на струја и околу 70% од потрошената енергија на ЈП „Исар“ е од пумпите. Со пуштање на водата од „Злетовица“, првично би се олесниле долговите за струја и за 50-60% ќе се намали трошокот за вода. Нема да ги исклучиме сите пумпи, бидејќи сме единствен град со два извори. Цената за производство на водата од „Злетовица“ би била многу помала. Се надевам дека во јануари – февруари можеме да сметаме на водата од „Злетовица“, рече Здравков.
Како што најави директорот на „Исар“, цената на водата што ја одреди РКЕ за 2022 година ќе изнесува 35,10 за кубен метар за физички лица, 54,41 денари за правни лица. За одвод на отпадни води 12,98 денари за приватни лица и 24.00 денари за компаниите.