Масовното онлајн купување е како мачка во вреќа -Врие од лажни трговци, а заштита нема – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/21 10:00 AM

Масовното онлајн купување е како мачка во вреќа -Врие од лажни трговци, а заштита нема

„Побрзајте со нарачката, цената важи уште денеска“, „уште малку производи на залиха“, „најниски цени само оваа недела“, „неверојатна понуда на пазарот“, „цени во инбокс“…

Фејсбук и Инстаграм се преплавени со разни понуди од интернет продавници и трговци, има и вистински, но има и лажни кои користат разни маркетинг трикови за да привлечат купувачи. Сивата економија и онлајн продажбата на „диво“ земаа замав со ковид пандемијата која ги смени навиките за купување. Порачувањето од дома, на разни козметички производи, облека, обувки, храна, па дури и лекови, бела техника и мебел, станаа секојдневие за голем број граѓани.
Колку е сигурен квалитетот на производите кои се нарачуваат и дали токму истите што ги гледаме во објавите, ќе ги добиеме дома? Се до моментот кога ќе го земеме производот во раце, тоа останува непознато.
Производот се испорачува најчесто на домашна адреса, преку брза пошта, пари се даваат на рака на доставувачот, нема фискална сметка, само пусулче дека сме ја примиле пратката. Може да добиеме помал или поголем број на чевли, или друга боја на производ, поинакви димензии, лош квалитет, производ со фабричка грешка…речиси секој од нас барем еднаш се „изгорел“ со онлајн нарачка и немал каде да се пожали затоа што добавувачот не му се јавува на порака или на телефон, или не сака да прифати замена за производот.


„Зад „дивите“ фејсбук продавници, наместо регистрирани е-трговци, стојат индивидуалци кои ја согледале можноста за ефективен начин за продавање на својата „шверц-комерц“ стока со сомнителен квалитет“, пишува на страната на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Според препораките на Асоцијацијата, најчестите индикатори за потенцијална измама, кои никогаш не треба да се игнорираат се:

Цена. Ако понудата е премногу добра за да биде вистинита, таа најверојатно не е тоа. Ниската цена е само „јадица“ на која „загризуваат“ купувачите. Затоа треба да се спореди цената на истиот производ во останатите продавници. Нема никаква логика истата бор-машина некаде да се продава за 9.000 денари, а на Ферјсбук да се нуди за 1.549 денари.

Правописот – Ако рекламата на Фејсбук изгледа аматерски и е напишана со многу правописни грешки, не брзајте да го купите производот.

фото: Freepick

Името на продавницата. Со цел да изгледаат поуверливо, „дивите продавници“ на Фејсбук најчесто го употребуваат доменот MK како продолжение, на пример: “LuxuryShoes.MK” или “BestProducts.MK” (измислени имиња). Проверете дали воопшто постои и интернет страница поврзана со одредена продавница.
„Ако продавницата нема официјална страница со јасни информации кој стои зад неа (име на правен субјект, адреса, матичен број, контакт информации), тогаш веднаш може да им кажете „чао“ на вашите права како потрошувач“, пишуваат од Асоцијацијата.

Секогаш читајте ги рецензиите и видете какво искуство имале претходните купувачи. Не го пропуштајте делот наречен Page Transparency на Facebook страницата, кој открива колку долго постои страницата, од кои држави се администраторите и колку пати го има променето името.

Верификуван е-трговец. Во Македонија постои регистар на е-трговци пријавени како регистрирани во една од петте банки кои нудат е-плаќање.. Верификацијата е од Асоцијацијата за е-трговија и опфаќа голем број на стандарди.
Преку е-трговијата, според информациите на Асоцијацијата, само во првото полугодие од 2021 година се доставени 291.037 пакети и 2.590 писма со откупнина. Колку од нив се испратени преку легални е-трговци (правни субјекти), а колку преку индивидуалци или нелегални продавници – нема официјални податоци од Агенцијата за пошти.

Затоа од Асоцијацијата сугерираат дека, доколку се регулира начинот на кој поштите го вршат откупот на пратки и се прифаќаат исклучиво оние со фактура или фискална сметка, автоматски дивите (нерегулирани) продавачи ја губат главната врска со купувачите.
Според Државниот завод за статистика, има раст во користењето на интернет и онлајн купувањето во 2021 година, а е-трговијата бележи пораст од 15,5отсто.

Спроведената анкета во првото тромесечје на 2021 година покажува дека онлајн нарачките се зголемени и изнесуваат 46,3 отсто од страна на интернет корисниците, спрема 40,1 отсто во 2020 година. Најмногу купувале облека 66,6 отсто и спортска опрема купувале 16,3 отсто. Најмногу онлајн се купувало од продавачи од земјата, од домашни е-продавници (84,4 отсто).

Пред пандемијата, доминантна онлајн трговија била кај продавачи од другиот дел на светот, а во 2021 година тоа учество е 17,9 отсто наспрема 12,5 отсто кои купувале од е-продавници од ЕУ.

фото: Freepick
фото: Freepick

Анкетата на ОПМ од минатата година покажа дека вкупно 55 отсто од прашаните купувале онлајн.При тоа, најголем број купувале текстил и текстилни производи, 44 отсто, околу 25 отсто порачувале обувки, а 20 отсто козметика. Околу 19 отсто купувале прехранбени производи, а само 15 отсто се одлучиле за бела техника. Најмал дел, само 11 отсто решиле да купат електронски апарати. Дури 60 отсто од онлајн потрошувачите се соочиле со некаков проблем, 26 отсто имале проблем со несоодветен квалитет, на 16 отсто им бил испорачан надвор од рокот, а на 13 отсто нарачаниот производ воопшто и не им бил доставен.
Купопродажба преку Фејсбук или Инстаграм кај нас не е регулирана со посебен закон и покрај сите досегашни апели и укажувања од повеќе организации и асoцијации. Општо само, потрошувачките права се дадени во Законот за заштита на потрошувачи, а надлежни за измама при интернет купување и продажба од лажни трговци и онлајн страници е Министерството за внатрешни работи. Совети околу измами при купување од интернет или незадоволство од испорачани производи и/или услуги и цени дава Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), а жалби може да се достават до Државниот пазарен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Маја Томиќ