Сите имаме новогодишни желби и цели кои посакуваме да ги оствариме, но ниту една од нив не е искрена и длабока како детските мечти. Никој не ја чувствува новогодишната магија и доаѓањето на Дедо Мраз како децата кои потајно пишуваат по неколку желби до него и едвај заспиваат возбудени што ќе им донесе тој следното утро.
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници кои претставуваат радост, среќа, дарување подароци, замислување желби и мигови со семејствата, претседателот, Стево Пендаровски, ексклузивно за Македонски Медиа Сервис се присети како ги доживувал најубавите празници во годината, кои желби ги посакал од Дедо Мраз и дали се она што го посакал како дете подоцна му се остварило како возрасна личност.
– Годините ќе ми дозволат да ја употребам фразата „во наше време”, главна приказна беше „пакетче” и секогаш се радував на новогодишните пакетчиња што ми ги даваа моите родители. Една од желбите што ми се остваруваше почесто кога бев дете е да имаме снежни новогодишни и божикни празници. Се радував секогаш на празничните моменти на домашно зготвени јадења и слатки по повод празниците. Особено, кога бев и на зимски распуст и можев да играм со другите деца на снегот надвор, а потоа да се стоплам дома. Една од желбите која не ми се оствари е да бидам професионален кошаркар, но само рекреативно се занимавав со спорт, ги избрав општествените науки како професионална определба. Пасијата за овој спорт ми остана, па до денес редовно ги следам кошаркарските натпревари – истакна претседателот Пендаровски за своите детски желби.
А, сега како семеен човек, политичар и професор, претседателот Пендаровски посакува најмногу од се, да се намали бројот на нашите граѓани кои живеат во сиромаштија и кои секојдневно се борат да го преживеат месецот.
-Посакувам здравје, за себе, моето семејство и за сите наши граѓани. Пандемијата на Ковид-19 нѐ научи колку е скапоцено нашето здравје и дека ако го имаме здравјето, другото сѐ е надминливо. Посакувам сѐ помалку млади да се иселуваат и да слушаме за повеќе успешни приказни на наши млади кои успеваат дома, на новоотворени бизниси и намалување на невработеноста. На државата и на сите наши граѓани ни посакувам да бидеме одговорни, во заштитата на нашето здравје, но и во заштитата на нашето општество. Посакувам да имаме политички стабилна година, одговорни институции, подобрена економија и надминување на енергетската криза. И се разбира, почист воздух и поголема колективна грижа за здрава животна средина, затоа што тоа влијае на квалитетот на живот на секој од нас – посака Пендаровски.
Претседателот, секој слободен миг, посебно за овие празници ќе го искористи за одмор со семејството, минувајќи што повеќе време со сопругата Елизабета Ѓоргиевска и со синот Огнен од кого ги осознава дилемите, проблемите, желбите и надежите на денешните млади генерации.
– Слободното време, кога немам работни ангажмани, најчесто го користам за одмор со семејството. Наш ритуал е да сме сите заедно на ручек во попладневните часови, што сметам дека е исклучително важно да можеме да се видиме, да размениме информации како ни поминува денот и да поразговараме за обврските во идните денови. Се обидувам што повеќе време да поминам со синот Огнен со кој често разговараме за неговите студентски обврски, планови, размислувања како млад човек и секогаш за мене е можност не само како родител да бидам во тек со неговиот живот, туку и преку него повеќе да осознавам кои се дилемите, проблемите, желбите и надежите на денешните млади генерации, за кои треба да направиме повеќе да останат и да сакаат да се реализират тука, дома – објасни претседателот за ММС.
За ММС, претседателот откри и што го релаксира и му дава енергија за следниот ден. Бидејќи ја обожава кошарката, претседателот се труди редовно да го следи својот омилен спорт и натпреварите во НБА-лигата. За ММС откри дека и покрај достапноста на интернет, се уште чита книги.
– Сега веќе поретко, но се обидувам да изгледам некој добар филм или документарец, најчесто политички, историски, биографии на значајни личности од историјата или кои се однесуваат за големи историски настани. Сакам да гледам и добри концерти и „стенд ап” шоуа. Се трудам редовно да го следам мојот омилен спорт – кошарката и натпреварите во рамки на НБА, а и доста читам и покрај достапноста на интернет на сѐ што ни треба, сѐ уште читам книги – откри Стево Пендаровски.
Орце Костов
фото: Кабинет на претседател