Најавен пренос во живо од денешното врачување на мандатот на Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/21 8:27 AM

Најавен пренос во живо од денешното врачување на мандатот на Ковачевски

Претседателот Стево Пендаровски денеска  ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Настанот најавен од претседателскиот кабинет за во 13 часот ќе може да се проследи во живо на Фејсбук страната и YouTube каналот на претседателот Пендаровски.

Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.

Централниот одбор на СДСМ на седницата во понеделникот официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер.

Ковачевски синоќа во телевизиско гостување рече дека нема да ги користи целосните уставни рокови за формирање, туку планира предлог составот на владата да биде поднесен на 11 јануари по што согласно роковите, да биде закажана седницата за избор на новата влада.
Откако  ќе го добие мандатот за формирање нова влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. Разговори за составот на новиот владин кабинет, како што најави, ќе има веќе од денеска, по што ќе го направи изборот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера изјави дека согласно целата постапка за избор на нова влада, таа би ја преземала функцијата на 17 јануари 2022 година.

–  Од моментот со давање на мандатот, претседателот на државата според член 210 од Деловникот треба да го извести претседателот на Собранието за давање на мандатот за да почнат роковите во Собранието. Мандатарот во рок од 20 дена од приемот на мандатот, значи не подоцна од 20-тиот ден од приемот на мандатот, треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата, изјави Џафери, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата кога би се случил изборот на нова влада.

 

МИА