Маглата го отежна утринскиот сообраќај – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/21 8:22 AM

Маглата го отежна утринскиот сообраќај

Густата магла во делови од државата ја намали видливоста по македонските патишта, а особено е изразена во тетовско, гостиварско, скопско и кумановско.

Според АМСМ сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40 метри има на патниот правец село Гајре – Тетово, од 50 – 100 метри на патниот правец Скопје – Тетово – Гостивар, од 100 – 150 метри на патниот правец Страцин – Куманово, од 30 – 50 метри на планинскиот превој Буково и до 50 метри на планинскиот превој Ѓавато.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.