(ВИДЕО) ТЕЦ Неготино произведува струја 10 дена, од јануари ќе се вклучи и вториот котел, ЕСМ ветува дека нема да има рестрикции – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/21 2:28 PM

(ВИДЕО) ТЕЦ Неготино произведува струја 10 дена, од јануари ќе се вклучи и вториот котел, ЕСМ ветува дека нема да има рестрикции

Управниот одбор на АД ЕСМ и Управниот одбор на АД ТЕЦ Неготино денеска извршија увид во работењето на ТЕЦ Неготино. „Термоелектраната непрекинато произведува електрична енергија од 18 декември, и работи со половина капацитет, односно со еден котел со цел прилагодување и стабилизирање на системот по повеќегодишната пауза“, соопштија од ЕСМ.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски најави дека во јануари ќе се вклучи и вториот котел во ТЕЦ Неготино и третиот блок во РЕК Битола. Според него, со максимално ангажирање на сите производни капацитети ќе се обезбеди снабдување за грејната сезона и ќе излеземе од енергетската криза без рестрикции, вложувајќи напори да се избегнат ситуациите кои веќе се случуваат во околните земји во однос на снабдувањето со електрична енергија.

Директорот на АД ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, изјави дека термоелектраната континурано работи веќе 10 дена и не очекува проблеми во следниот период, како и дека во план е целосно да се реализира договорот за деловно-техничка соработка со АД ЕСМ во однос на производството на електрична енергија од овој капацитет, информираа од ЕСМ.