Никој нема контрола на кешот од игрите на среќа, тоа е системска корупција, сметаат од Антикорупциска – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/21 1:52 PM

Никој нема контрола на кешот од игрите на среќа, тоа е системска корупција, сметаат од Антикорупциска

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во однос на годишните даночни пријави од игри на среќа денеска повикаа и апелираа да се води контрола на кешот што се добива, но и за заштита на личните податоци. Владата, финансиските институции и сите надлежни, бараат од Антикорупција, да најдат законски решенија за ова прашање и сериозно да ги испитуваат овие предмети.

Антикорупција досега има откриено неколку случаи за крадење податови со пријавени во Дирекцијата за заштита на лични податоци, што покажува оти има основ за перење пари, односно за можни финансиски злоупотреби и малверзации.

Горан Трпеноски, член на Комисијата, потсетувајќи на случај кога ДКСК има откриено оти еден функционер имал добивка од игри на среќа во бруто износ од еден милион и 170 илјади денари, а ги немал пријавено во анкетниот лист, дал изјава дека евидентираните приходи ги нема добиено, ниту има примено толкава сума на добивка. Откако било проверено во финансиска полиција, МВР и сите други надлежни институции, од страна на Управата за финансиска полиција ДКСК добила известување дека постапуваат по пријавата и по извршените полициски увиди од нивна страна, ќе поднесат соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство.

– Сите институции велат не можеме да го проверуваме кешот од играчите на среќа, казина и други. Никој нема контрола на тие пари. Ова е системска корупција, смета меѓу другото Трпеноски. Тој уште еднаш ги повика сите граѓани доколку имаат податоци за вакви случаи да ги достават до ДКСК, за да се открие, како што рече, „шемата”.

За Софка Пејовска Дојчиновска станува збор за добро организиран криминал и побара сериозно да се повика Основното јавно обвинителство за гонење корупција и организиран криминал. Според неа, она што до ДКСК досега допреле информации, се капка во море, и како што рече, се краде идентитетот на граѓаните.

Шемши Салаи, член на ДКСК, наведе дека можат да се проверат сите исплати што ги прават обложовалниците и казината, но дека има случаи каде се украдени лични податоци и исплатите се вршени на име на други лица. – Тоа е навистина организиран криминал за перење пари и треба да се постапи, рече Салаи.

МИА