Повеќе македонски општини, кои со електрична енергија се снабдуваат на слободниот пазар, се соочија со еднострано раскинување на договорите, откако цената има вртоглав раст.
По Гевгелија и Општина Кочани се соочи со еднострано раскинување на договорот.
На 30 септември Општината Кочани го потпишаа договорот со Соларпро холдинг ДООЕЛ – Скопје, која според Системот за јавни набавки го добила договорот за снабдување со струја за пет милиони денари. Оваа компанија ја добила набавката од три понуди, додека во само пет месеци, од август до декември годинава склучила вкупно 21 набавка со здравствени установи, неколку општини, универзитет, Царинската управа и други државни институции.
„Соларпро холдинг“ ја информирала Општината Кочани дека поради високата цена на струјата на светските берзи работи со загуби и поради тоа, не е во можност понатаму да испорачува струја. Договорената цена 4.043 денари за мегават час во високата тарифа од 7-22 часот и 9.002 денари во ниската од 22-7 часот.
-Со оглед што Општина Кочани е на листата на големи потрошувачи, не постои можност да се врати кај универзалниот снабдувач, а со електрична енергија привремено ќе продолжи да се снабдува како и досега. Максималниот период во кој може да набавува струја од досегашниот снабдувач е 90 дена, при што треба во овој рок повторно да објави оглас за склучување нов договор за јавна набавка, соопштија од Општина Кочани.
Оваа информација ќе се најде на утрешната седница на Советот, каде само ќе се информира, без можност нешто значајно да се промени.
Од друга страна, само по усвојувањето на новиот Буџет може да се разговара за распишување на нов тендер, како што е случајот со Општината Берово, каде до 31 јануари 2022 година снабдувањето со струја е од компанијата „ЕДС“ и од каде засега нема најави за промена.
За едностраното раскинување на договорот Општината Кочани може да ја повлече банкарската гаранција во износ од 200.000 денари, што не ја надоместува штетата со преминувањето кон друг снабдувач, кој секако ќе ги следи пазарните цени.
Општините преку ЗЕЛС веќе побараа Владата интервентно да обезбеди субвенции за општините, со цел да се избегнат големи последици по општините буџети.
На драстично повисоките цени на струјата први се пожалија компаниите, кои се зависни од струја. Дел од нив уште веднаш добија известување за неколкукратно зголемување на цената на струја. Најавите се дека состојбата со високата цена на струјата на светскиот пазар ќе биде од времен карактер, што сепак, може да нанесе голема штета по буџетите на институциите и компаниите.