До петок ќе знаеме за колку ќе не изгори новата цена на струјата, сите компании побарале зголемување – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/21 11:02 AM

До петок ќе знаеме за колку ќе не изгори новата цена на струјата, сите компании побарале зголемување

За десет, дваесет или четириесет проценти ? При крај е неизвесноста, за колку ќе бидат поголеми сметките за електрична енергија од 1 јануари. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре ќе ја одржи подготвителна седница за механизмите на донесување на одлуката за новата цена на струјата. А, најдоцна до петок регулаторите треба да ја донесат крајната цена на електричната енергија за корисниците на регулираниот пазар, домаќинстват и малите фирми што се снабдуваат преку ЕВН Хоум, што ќе важи во првите шест месеци од наредната година.

„За утре е закажана седница на која РКЕ пред енергетските компании ќе ги презентира механизимите кои ќе ги активира при носење на новата одлука за цената на електрична енергија“, информира Марина Узунов, портпаролот на РКЕ.
Таа појасни дека станува збор за исклучителенo комплексен процес и во време на енергетска криза сите страни мора да се солидаризираат.
РКЕ се уште ги анализира пристигнатите барања за корекција на цената од енергетските компании, МЕПСО, ЕСМ и ЕВН, односно за нивните трошоци во изминатите месеци на енергетска криза. Од РКЕ веќе најавија дека сите компании побарале зголемување на цената на електричната енергија поради зголемени трошоци во работењето.

Претседателот на РК, Марко Бислимоски деновиве изјави дека ЕВН Хоум во делот на Електродистрибуција и МЕПСО, пријавиле значително зголемени трошоци за набавка на струја за покривање на загубите во нивните мрежи и дека тоа ќе има најголем притисок врз цената. Тој појасни дека РКЕ од 2019 година наваму, не ја утврдува цената по која ЕСМ ја продава струјата и дека регулаторите можат да влијаат само на 37,2 отсто од крајната цена. Зголемувањето на цената за 13,6 отсто на струјата што ЕСМ ќе ја продава на ЕВН Хоум, влијае со околу 4,5 отсто на крајната цена што ќе ја плаќаат купувачите по 1 јануари.Во крајната цена на струјата, најголем процент отпаѓа на ЕСМ, 34 проценти, а на ЕВН 11, 45 проценти.

фото: РКЕМ.Т.