Српски медиуми реобјавуваат приказна на „Телевизијата на српската дијаспора“ за семејство, кое решило да се врати дома од Австралија. Ова семејство тврди дека се’ повеќе Срби се пакуваат и го напуштаат удобниот живот, откако вакцинацијата против Ковид – 19, иако не е задолжителна, станала услов за работа, школување, за живот.
„Кој си ги спакувал работите во два куфери и се преселил во друга земја, знае колку е сложена и тешка таа одлука“, пишува „Вести-онлајн“. Сега, замислете како е кога ќе го обновите целиот свој живот во таа нова земја, па мора повторно да се вратите во Србија. Со ова деновиве се соочуваат бројни иселеници, особено оние во Австралија, а причината е, во најмала рака, проблематична.
– Решивме да се вратиме во моментот кога вакцината стана задолжителна за живеење и престој во Австралија. Мојот сопруг живее тука 25 години, а јас 15 години. Имаме три деца, еден убав и нормален живот, но поради сите овие задолженија моравме да донесеме одлука да се вратиме во татковината – вели Љиљана Пушкар, наставничка во српското училиште „Вук Стефановиќ Караџиќ“ која веќе се прости од децата со кои работеше во Австралија.
Според неа, нејзината работа е условена од вакцина, која не е задолжителна на хартија во Австралија, но е предуслов за нормално функционирање.
– Работата ни е условена бидејќи како невакцинирани не можевме да одиме на работа. Сите вработени мораа да бидат вакцинирани. Мојот сопруг е поморски инженер, не можеше да патува, не можев да завршам се’ што ми требаше за да ја добијам последната диплома, што е уште 70 часа пракса. Почнаа и да ги условуваат децата во училиштата. Мојот син оди во средно училиште и пред еден месец професорот го малтретираше постојано прашувајќи го кога ќе се вакцинира, додека не му испративме писмо и ставивме до знаење дека нема да прими вакцина, додава таа.
Лиљана вели дека не верува во сигурноста на вакцината бидејќи, според неа, „се уште е во експериментална фаза“.
На новинарско прашање што ќе направат доколку ги пречека нешто слично во Србија, односно одлуката дека вакцината ќе се бара да заврши некоја работа или како што е моментално одлуката дека без потврда за вакцинација после 20 часот не може да се влезе во ресторани, таа вели дека се подготвени и за тоа.
– Можно е тоа да се случи, но мислам дека ќе ни биде полесно да се бориме меѓу нашиот народ.
Српските медиуми споделуваат непроверени информации, според кои, околу 38.900 луѓе од Сиднеј и 32.000 од Мелбурн се иселиле од двата најголеми австралиски града во текот на оваа година.
Во Америка е забележано дека околу 33.500 луѓе се преселиле само од Њујорк на Флорида, каде мерките против корона вирусот се многу порелаксирани. Тоа е зголемување за 32 отсто во однос на лани.
Vesti-online