Наместо детски градинки, домови за стари лица- Во Источна Македонија секој пети жител е над 65 години – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/21 10:30 AM

Наместо детски градинки, домови за стари лица- Во Источна Македонија секој пети жител е над 65 години

Наместо приоритет да биде изградбата на детски градинки, општините обединети во Источно Планскиот регион , своите приоритети ќе мора да ги насочува во изградба на домови за стари лица и други активности кои што ќе бидат во функција на постарата популација.

Според Јован Манасиевски, консултант за социјални работи, за само десет години 2008-2018 година уделот на постарата популација во овој регион се зголемил за  за 33% .

„ Во Источниот регион според новите податоци од Пописот се очекува околу 20 % од населението да е на возраст од над 65 години, што значи дека секој пети жител е на возраст над оваа граница. Тоа значи дека за потребите на овие лица ќе мора  да се развиваа и унапредуваат одредени видови на услуги. Потребно е институционално сместување, што значи Домови за стари лица,  помош и нега во домот, како и користење на услуги на дневни центри“, вели Манасиевски.

Општините во овој регион, кои се пред се помали општини, вели Манасиевски, сами не се во состојба самостојно да ги решаваат проблемите во социјалната сфера, но обединети и здружени можат да ги реализираат поставените цели. Според него ова е прв чекор и кон децентрализацијата на социјалната заштита.

Во рамките на Источно планскиот регион на последната седница беше конституиран Совет за социјална заштита.

На првата конститутивна седница во Штип за претседател на Советот, со мандат од една година е избран градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.

Тој смета дека ова е одговорна функција,  а ќе настојува да бидат застапени рамномерно сите општини, кога станува збор за реализација на приоритети и проекти од оваа област. Папазов потврди дека меѓу приоритети на овој Совет е изградбата на нови Домови за стари лица во Источниот регион.

„Потребата за изградба на Домови за стари лица е изразена и во моментов, а ќе биде и понатаму се повеќе изразена, заради тоа што во овој регион постои само еден Дом за стари лица во Берово, а на кој му е потребно и проширување. Општина Кочани од државниот буџет за 2022 година има добиено 30 милиони денари за почеток за  изградба на Дом за стари лица, вели Папазов.

Според Манасиевски пари им, постојат мноштво на извори за финансирање, но мора да се подготват добри и издржани проекти. За овој регион услугите врзани за постарите лица, во целиот спектар  од институционално сместување па до помош и нега во домот се многу важни и треба да бидат приоритети. Тука мора да се споменат и невладините организации, чија што улога е од исклучителна важност, затоа што тие сега се јавуваат како оператори за добивање на социјални услуги. Затоа многу е важно да има што повеќе лиценцирани НВО за давање на социјални услуги,“ смета Манасиевски.

Во овој регион потребно е вложување и проекти за старите лица, но исто така треба да се  работи и на проекти за лицата со посебни потреби, како и на развивање на мобилни служби.

„Во Источно планскиот регион има осум дневни центри, но има уште поголеми потреби“, додава Манасиев.

Прв ваков Совет за социјална заштита во рамките на планските региони е формиран ова лето  во Североисточниот регион, а од неговото функцинирање веќе е реализирана набавка на превозни средства за децата со посебни потреби, кои ги посетуваат дневните центри.