Актерот, Благој Чоревски е годинашен добитник на единствената награда на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, што јубилејно по десетти пат ќе се одржува од 14 до 22 септември во Крива Паланка.
По веста дека е добитник на наградата актерот изјави дека престижното признание „Свети Јоаким Осоговски“ за него претставува голема чест од повеќе причини. Прво поради фактот што го носи името на еден исклучително значаен светец во православието ширум светот кој бил познат и по своите исцелителни моќи. Потоа, како што рече тој, поради огромното духовно и културно значење на еден од најубавите манастири во Република Македонија и секако затоа што е вклучен меѓу знаменитите досегашни добитници на оваа награда како што се Милица Стојанова, Мето Јовановски, Зафир Хаџиманов, Јордан Плевнеш, Јелена Жугиќ, Петар Темелковски, Шенка Колозова .
Наградата ќе му биде врачена со свечена пригода на 14 септември, на почетокот на фестивалот.
Благој Чоревски потекнува од актерско семејство, а Факултет за драмски уметности завршил во Софија. Работниот век го поминал во Драмскиот театар во Скопје и во текот на својата долгогодишна актерска кариера има остварено значајни улоги во многу драмски, телевизиски, филмски и радиопроекти. Со подеднаков успех Чоревски остварил улоги и во филмовите: Исправи се Делфина, Пресуда, Време, Води, Викенд на мртовци, Тетовирање и Самоуништување.
Инаку, годинава на манифестацијата ќе бидат изведени осум претстави со театри од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија. Во придружната програма ќе бидат промовирани неколку книги од областа на театарот, а ќе бидат отворени и неколку изложби на фотографија.
Првото фестивалско издание се одржа во 2009 година, а во изминатите години фестивалската програма постојано се збогатуваше за сега кривопаланечката театарска сцена да е доволно примамлива за најреномираните театарски ансамбли и звучни театарски имиња од целиот регион.
Билјана Тошевски