До пред шест години ги чистеше јавните површини, тротоари и улици, како работник на Јавното Комунално претпријатие Тетово, а сега Шабан Адеми (68) од тетовски Челопек, откако останал без работа, спасот и егзистенцијата за своето семејство го гледа на еден од тротоарите во Тетово, каде продава земјоделски прозводи.
Нема ниту импровизирани тезги, туку земјоделските производи ги продава во вреќи, пакети и други амбалажи.
Естетика тука на улица, вели тој, нема што да се бара, важно е што имам квалитетни земјоделски производи и имам свои муштерии, кои ме знаат и купуваат од мене, оти најверојатно сум им оставил добар впечаток.
-Но, сега кога сум со мала пензија, која не ми стигнува да го прехранам 7 – членото семејство, некој не брка оттука, се жали земјоделецот Адеми, откако општина Тетово донесе одлука сите земјоделци кои продаваат околу градскиот зелен пазар да можат да ја обавуваат оваа работа, само во четврток, кога во Тетово официјално е пазарен ден, но во останатие денови површините да бидат ослободени.
-Мене тука ме знаат сите муштерии. Ова ќе ни зададе тешок удар, ние сме ситни земјоделци, за нас е скапо да плаќаме закуп на тезги на градскиот пазар. Голема сиромаштија е, но што се мора, се мора, мора да почитуваме закон, инаку следуваат високи казни. Јас сепак одлучив да изнајмам тезга и само тука на овој тротоар сум во четврток, а на тезгата во пазарот ќе заработувам по 200 денари, тоа не е ништо. Но, мора да се навикнеме, па можеби со тек на време ќе се навикнат муштериите и ќе не бараат на пазар. Како ќе биде, не знам. И народов повеќе пазарува тука покрај пазарот, побрзо му е да пазари, а за да влезе во пазар, треба некаде да се паркира, а тука знаете како е со паркирањето во Тетово, вели Адеми.
Најтешко погодени од оваа одлука, се земјоделците кои продаваат сезонски производи.
-Како ние да изнајмиме тезга кога продаваме сезонски прозводи и се знае продажбата на сезонските производи трае до две недели. И како јас да изнајмам тезга за една година на тетовскиот пазар кога продавам две недели сега и на пролет уште еден земјоделски производ го продавам две недели, истакна еден земјоделец од тетовско, кој сакаше да остане анонимен.
Но, продажбата на земјоделски производи на јавни површини не е карактеристичен само за местата, околу градскиот зелен пазар. Во населбата Горна Чаршија и на патот кој води кон Жичарата и кон тетовското Арабати Баба Теќе, може да се забележи продажба на земјоделски, но и на останати производи.
Дали за овие земјоделци ќе важи ова правило, да се продава само во четврток, градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами со одговор:
-Донесовме одлука да не се продава на јавните површини околу градскиот пазар, оти за овие земјоделци има алтернатива да продаваат внатре во пазарот, за другите земјоделци кога ќе им најдеме алтернатива за продажба и за нив ќе важи ова правило, рече Касами.
Инаку за тетовските земјоделци кои произведуваат на големо, се уште не се најде локација за пазар на големо, иако досега имаше повеќе ветувања од локалните власти.
Па, тие сега се принудени своите производи натоварени на трактори, да ги продаваат на јавни површини, каде се под постојан удар од инспекциски контроли и казни.
(З.Д.)