Пациент сместен во соба за кислородна поддршка на Клиниката за пулмологија во Скопје вечерва ја извадил маската преку која примал кислород и запалил цигара, при што дошло до пожар поради проток на кислород во собата и тој се здобил со помали изгореници на лицето и градите, информира Министерството за здравство.
Во соопштението се посочува дека дежурниот медицински пероснал брзо реагирал и дотокот на кислород навреме бил исклучен, со што била спречена експлозија.
– Од Клиниката случајот e пријавен во полиција, а повредениот пациент кој го предизвикал пожарот нема животозагорзувачки повреди. Во пожарот нема други повредени, а во болничката соба оштетен е мал дел од подот, се додава во соопштението.
Според информациите на Телма, веднаш откако запалил цигара почнал да гори кислородот од маската и го изгорел по лицето и градите. Пациентот е на 33-годишна возраст, од Тетово и бил на кислородна поддршка како терапија за хронична болест
Во собата имало уште неколку пациенти исто така на кислородна поддршка. Дежурниот тим брзо дознал за пожарот и веднаш го исклучил централниот кислороден систем.
Доколку не бил изгаснат системот, пожарот можел да се рашири преку кислородот низ металните цевки кои би се загреале и би предизвикале експлозија.