Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската – ова пред околу еден час го порача шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров непосредно пред почетокот на денешниот состанок во Виена на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини
„Речиси завршивме со решавање на одредени билатерални прашања, а последно е решавањето на спорот за името со Грција. Мислам дека регионов беше на периферијата на ЕУ, но всушност Западен Балкан е околу земјите членки на Унијата и затоа треба да направиме чекор напред, да се вклучиме и да го ревитализираме процесот, бидејќи за Унијата е подобро да инвестира во Западен Балкан, отколку да го игнорира бидејќи тоа би било и поскапо. Желен сум да споделам каде сме и да дискутирам за ефектот од мултилатеризмот, нешто што ни е потребно “, рече Димитров.
„Мислам дека за малите земји треба да има принципи и правила тоа се предизвици пред кои треба да се мобилизираме и да коалицираме за да ги одбраниме важните принципи како што се слободната трговија или демократијата. Ако го изгубиме тој наратив во Европа, ќе изгубиме се’“, истакна Димитров кој нагласи дека целта е Македонија да биде европска.
„Ако и’ се прклучиме утре на ЕУ се’ уште ќе бидеме истата земја. Процесот е поважен од крајниот рок“, рече министерот.
Могерини пак, најави дека на состанокот ќе се разговара за таканаречениот „ефективен мултилатерализам“ што е во центарот на австриското претседателство на ЕУ.