Сарамандов: Начелото „Фати го моментот, узурпирај се’, вработи ги своите“ е зад нас, време е за работа (видео) – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/21 11:23 AM

Сарамандов: Начелото „Фати го моментот, узурпирај се’, вработи ги своите“ е зад нас, време е за работа (видео)

Успешен е оној градоначалник, кој ќе успее да донесе повеќе пари за својот град. Секој што може да помогне на градот, кај мене ќе биде добредојден, е пораката што новиот градоначалник на Гевгелија, Андон Сарамандов ја упати до своите сограѓани. Овој 40-годишен земјоделски инженер, функција ја презеде со амбиција да направи промени во својот роден град. Прашан на што ја базира таа амбиција, односно по што е различен од своите претходници, Сарамандов вели:

-Јас сум помлад од моите претходници, амбициозен, мотивиран и што е најважно планирам да го вклучам целиот човечки капацитет, без разлика на политичката определба, се неговите аргументи.

Овој оптимизам го базира на анализите и плановите што ги работел заедно со неговиот економски тим, иако е свесен за обврските што ги наследил со преземањето на функцијата.

-Во моментов имаме текoвни обврски од 56 милиони денари и 18 милиони денари што ги очекуваме како обврски до Нова Година, некаде околу 74 милиони денари и во исто време имаме два кредити, за кои заврши грејс периодот. Едниот е за изградба на бунари на водоснабдителен систем и другиот за изградба на училници во рамките на СОУ „Јосиф Јосифовски“.

Затекнав лоша состојба во КК „Кожув“, каде главен акционер е Општина Гевгелија, каде има долг од 80.000 евра, плус три неисплатени плати од околу 70.000 евра, и неколку тужби, кои ја отежнуваат работата на клубот – тука подолг период се работело целосно недомаќински. До Нова Година се надевам дека ќе овозможиме нормално работење, рече Сарамандов.

 

Идниот развој градоначалникот на Гевгелија го базира пред се’ на потенцијалите за развој на туризмот, за што планира основање на засебно одделение за развој на туризмот и потенцијалите на градот. И натаму 20% од давачките на казината што се концентрирани во Гевгелија не завршуваат во општината, туку во државната каса, што треба да се промени во блиска перспектива и тие пари според замислата на Сарамандов, треба да бидат насочени специфично за општинската инфраструктура. Според неговите проценки, во претходниот период пред пандемијата секој ден во Гевгелија доаѓале по 1000-2000 Грци дневно, за викендите двојно повеќе. Само од српските туристи на минување, имало по 700-800 ноќевања. Како што вели, Грците се крвотокот на гевгелиската економија, но тоа се’ се смени со пандемијата.

 

 

-Пандемијата покажа дека казинскиот туризам во такви услови не носи финансии во градот и мора да бараме алтернативни решенија. Гевгелија е богата со природни ресурси, тука поминува автопат, Коридорот, на 30 километри сме од Дојранското Езеро, планината Кожув, има геотермални води, и затоа акцентот е на развојот на туризмот и искористување на сите потенцијали. Сега се прави функционална анализа за систематизација на Општината, со цел формирање на Одделение за туризам за реализира на сите проект од мојата програма и предлозите од сите наши сограѓани за реализирање, објасни Сарамандов.

 

Што се однесува до планината Кожув, приоритетна е урбанизацијата на населбата Коњско. Таму се извршуваат изведбени работи за браната Конско,а ако оди со оваа динамика, Сарамандов вели дека за една година браната ќе биде изградена, а некаде за две години наполнета. За таму недостасуваат урбанистички планови, кои се во фаза на изработка и треба да го спречат дивоградењето на викендички и друга инфраструктура како во минатото. Исто така, потенцијал за развој се геотермални води на потег од село Смоквица до Прдејци, каде има топли води  и каде треба да се започне истражување и бушотини.

 

 

 

Како што објаснува гевгелискиот градоначалник, изминатите години не бил искористен потенцијалот на соработката со Грција, како земја членка на ЕУ. Во изминатите четири годни биле реализирани само два проекти, кои веќе биде почнати,  додека нови нема. Сарамандов се надева дека оваа светска енергетска криза уште повеќе ќе ги зближи пограничните региони во заедничкиот интерес да се бараат енергетски решенија.

 

 

Од планираните проекти за 2022 година, Сарамандов истакнува неколку приоритетни.

-Од 214 милиони денари основен буџет, 35% се планирани за капитални расходи. Покрај замената на уличното осветлување, планирано е пуштено во употреба на времената депонија во Ново Конско. Потоа пуштање во реализација на грантот на КФ банката и атмосферската канализација во градот Гевгелија и обезбедување  на водонсабдителни системи во село Богородица, Негорци и Прдејци. Следно е започнување на доградбата на детската градинка „Сончогледи“. Прво беше најавена нова, но урбанистичкиот план каде таа требаше да биде изградена не е готов.

Планиран е асфалтен пат од 800 метри до село Ума и низа други помали проекти“, вели Сарамандов.

Еден од поголемите проекти што ги содржи неговата програма е роконструкцијата на целосно руинираниот објект на ДТС „Партизан“. Иако изминатите години многу средства биле потрошени на спортската инфраструктура, на пет минунти од центарот на Гевгелија како лош спомен на минатите времиња стои нефункционалната зграда на „Партизан“ со искршени прозорци и оставена на забот на времето.

Градоначалникот Сарамандов вели дека за разлика од Источна Македонија, Гевгелија нема многу дијаспора, меѓутоа, во имзинатите три години 7до 8 шпроценти или околу 1500 луѓе се иселија.

-Ние тој тренд треба да го застанеме. Прв пат во овие 30 години имаме поголема миграција, кажа Сарамандов.
На крај од првото интервју што новиот гевгелиски градоначалник на Гевгелија, на своите сограѓани им ја најави својата амбиција.

-Само со многу работа ќе успееме да ја вратиме вербата на граѓаните,со мотивирана и ефективна администрација ќе ги убедиме младите да не ни бегаат, а со новите инвестиции ќе направиме просперитетна Гевгелија. Во мојата работа нема да се водам по начелата „фати го моментот, узурпирај се’, вработи ги своите“.  Ќе работам отчетно, транспарентно и во интерес на сите граѓани на општина Гевгелија. Јас сум помлад од моите претходници, амбициозен, мотивиран и што е најважно, планирам да го вклучам целиот човечки капацитет, без разлика на политичката определба.

Секој што може да помогне на градот, кај мене ќе биде добродојден, рече градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов.