Додека граѓаните чекаат повисоки сметки за струјата од јануари и прават математики како ќе ги плаќаат, во финансиска криза паднаа и Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Државната компанијата реши да прави заштеди на одредени трошоци, тргнувајќи од дел од вработените, со нивно испраќање на принуден одмор, потоа неисплаќање на спонзорства, на репрезентации, помалку користење на службени возила и патувања, намалени се и дневниците за прекувремена работа и слично.
Во соопштението на компанијата се вели дека се воведени мерки на штедење со цел намалување на трошоците во услови на енергетска криза и дека се тие насочени за намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес со вложување што помалку материјални и човечки ресурси.
„Во тек е постапка за утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор, не подолг од три месеци, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70 отсто од платата“, информираа од АД ЕСМ.
Додаваат дека се намалени или целосно запрени и сите други трошоци, стопирани се спонзорствата, репрезентации и службените патувања, кои не се поврзани со производството на електрична енергија. „Сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ. Запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, додека употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана“, соопштија од ЕСМ.
Очигледно, буџетските 65 милиони евра кои во ноември Вадата им ги подели на енергетските компании ЕСМ, МЕПСО и ЕВН, не беа доволни за нивно нормално работење и за покривање на домашниот дефицит на струја. Со парите за ЕСМ требаа да се покријат трошоците за ископ и за увоз на јаглен како и за набавка на струја. Честото „паѓање“ на некој од блоковите како и недостигот на јаглен за нормално производство во изминатите месеци допонително ја искомплицираа ситуацијата во оваа грејна сезона. Увозот на три милиони тони јаглен од Косово, за што преговараше Владата пред десетина дена, ниту се знае кога ќе дојде, ниту по која цена ќе го купиме.
М.Т.
фото: Freepick