„Од Дедо Мраз посакуваме да живееме со мама и тато“ – Децата кои живеат во интернатот во Љубанци сиромаштијата ги оддели од родителите – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/21 7:27 PM

„Од Дедо Мраз посакуваме да живееме со мама и тато“ – Децата кои живеат во интернатот во Љубанци сиромаштијата ги оддели од родителите

Новогодишните и божиќните празници се период кога сакаме времето да го поминуваме во друштво на најблиските, но и период кога се подарува. Подарокот го прави среќен и тој што подарува, но и тој што ќе го добие. Посебно ова важи за најмалите кои најискрено знаат да се израдуваат дури и од најмалата работа која е подарена од срце.

Подароци добија и ги стоплија срцата на десет дечиња од село Љубанци кон кои животот па и не бил многу нежен и ги донел во интернатот на општинското ОУ „Гоце Делчев“ во селото Љубанци. Овие дечиња родени се во многудетно семејство. Условите во кои тие живееле со своите родители биле многу лоши, па затоа родителите одлучиле дечињата да ги сместат во интернатот каде престојуваат од понеделник до петок.

За нивната приказна ни раскажа и директорката на училиштето, Силвана Терзиева која со голема љубов и воодушевување зборуваше за хуманитарната акција која била спроведена заедно со хуманитарната организација „Свети Спас“ и отец Оливер, со цел овие дечиња да добијат топла облека, храна и се она што им е неопходно за нормален живот.


„Основното општинско училиште „Гоце Делечев“ во село Љубанци се наоѓа 15 километри од центарот на Скопје. Во рамките на училиштето имаме интернат за деца згрижени преку Центарот за социјални работи на Град Скопје, каде што во моментов сместени се десет деца и тие се на различна возраст од прво до деветто одделение. Дечињата престојуваат во интернатот од понделник до петок, а за време на викендите, празници, летен и зимски распуст тие си имаат родители и седат кај нивните родители, старатели“, раскажа директорката Терзиева.

Овие дечиња живеат во пристојни услови за живот, имаат топол дом, храна, хигиенски услови. Поголем дел од нивното време го поминуваат во интернатот каде што се згрижени, но овие празнични моменти ќе ги поминат со своите родители, кои немаат услови да ги издржуваат, па одлучиле тие да бидат згрижени  на ваков начин.

„Нивните родители не се вработени и се со многу членови, 7 до 8 деца во едно семејство. Доколку нивните родители би биле вработени, не би дозволиле нивите деца да се во интернатот. Финансиската ситуација е многу критична и многу лоша, живеат во многу лоши услови  и немаат доволно средства да ги образуваат, и поради тоа во согласност со двајцата родители, старатели овие дечиња се сместени во интернатот. По нивното завршување во 9 то одделение, потоа си заминуваат, но ние им помагаме со помош на социјалната служба да ги запишеме во средните училишта, понатаму е на нив оставено како ќе продолжат да се образуваат и да живеат“, раскажува Терзиева, која додава дека за дечињата во интернатот се грижат двајца восипитувачи кои доаѓаат во смени на работа.


Донациите се она на што највеќе се потпираат бидејќи примањата кои ги добиваат за издршка на дечињата, Терзиева вели дека се многу мали. Реновирањето на интернатот за да овозможат нормален живот и топол дом на децата,  исто така е реалзирано благодарение на хумани граѓани со големо срце. Се грижат условите да се како во секој нормален дом, постојано да е топло кога има зимски услови, како и редовно да има вода за туширање.

„Условите во кои моментално живеат се во добра состојба. Јас сум долги години директорка во ова училиште, повеќе од 12 години и од 2009 година се што е променето, променето е со донации. Сменети се прозорите, вратите, ставен е ламинат, креветите од железни заменети се со дрвени, постелнина, шкафчињата се од донации на луѓе кои што се познати во општеството, но и други хумани луѓе“, вели Терзиева.


За потребната помош за десетте дечиња од село Љубанци сместени во интернатот на основното училиште беше споделена на групата основана на Фејсбук на хуманитарната организација „Свети Спас“ каде сите хумани граѓани може да донираат храна, облека, обувки, играчки за дечињата кои се најразлична возраст. За голема среќа и радост на дечињата, оваа хуманитарна акција се покажа одлична со голем број на донации, и која не застанува тука. Терзиева вели дека хумани граѓани се уште се пријавуваат за донации со цел да изнудат насмевка на лицето на дечињата.

Од хуманитарната акција резултатот бил големо комбе, што директорката вели дека ова за прв се случува и уште едно возило исто така и тоа преполно со подароци и неопходни работи кои им се потребни на дечињата.Храна, пакетчиња, спакувани работи од луѓето за секое детенце по возраст, како и работи кои веќе се носени, но истите се корисни. Исперени, испеглани и добро спакувани за понатамошна употреба.

„Децата се пресреќни и можам да кажам дека иницијативата и понатаму продолжува со што има голем интерес на луѓето за да помогнат и донираат“, вели Терзиева.

Секое дете има желба која сака да му стане реалност во Новата Година. Некои, пак, веруваат дека Дедо Мраз ќе им ја исполни. Но, во едно се сигурни, кога ќе ги прашаме за што сонуваат и што посакуваат од Дедо Мраз е секојдневието да го поминуваат со своите родители.


„Нивните желби како и на секое дете, па и секој човек кога ќе го  одделиш од својот родител е тешко. Секој понеделник имаме плачења. Кога нивните родители ќе ги донесат, бидејќи за викенд престојуваат во нивните домови со нивните родители, многу тешко се одвојуваат, но потоа си наоѓаат своја занимација, се дружат и добро се однесуваат. Но, нивните желби се многубројни. Едно детенце кое што е во трето одделение имаше напишано, односно побара од мене да му дадам подарок за неговата сестричка што е дома, бидејќи сака да и подари подарок“, раскажа Терзиева.

Ако вашата желба е оваа Нова Година некому да му донесете среќа, овие дечиња би ви биле благодарни целиот свој живот, затоа што детската среќа и насмевка се најискрените.

Габриела Додевска