Професорот, што денеска напладне со метален предмет повреди ученик бил проблематичен подолг период, потврди директорката на средното училиште „Ибраим Темо“ Бесиме Јонузи.
Според неа, расправијата меѓу професорот и ученикот почнала завчера, а дисциплинската комисија во училиштето вчера донела одлука за негово суспендирање.
– Мотивот не го знаеме, затоа што со професорот сме имале проблеми години наназад. Сите институции се известени, преземени се сите законски мерки. Инцидентот почна завчера, јас вчера наутро свикав состанок на дисциплинската комисија од каде излезе одлука за негово суспендирање. Денеска требаше да ја потпишам одлуката и да го известам професорот. Не знам дали тој дозна за одлуката па се случи инцидентот, со железен бокс го удрил во глава. Викнавме полиција го приведоа, а детето го однесовме во болница, изјави Јунози.
Професорот привремено е суспендиран, а како што нагласи директорката, институциите ќе одлучат за негово враќање на работното место.
Инцидентот се случил денеска околу 13 часот и 30 минути, кога професорот Е.С. (57) со метален предмет го удрил средношколецот по главата. Детето било примено на одделението за Хирургија, каде било сошиено, а професорот е приведен во полиција.
MИA