„Пет дена сме без вода, струјата е на ризик“ – На Вера од Куманово карпа и ја уништи куќата – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/21 2:41 PM

„Пет дена сме без вода, струјата е на ризик“ – На Вера од Куманово карпа и ја уништи куќата

Недела утрото можело да биде кобно за 45-годишната Вера Трајковска од кумановската населба Перо Чичо, откако голем дел од карпа паднал врз нејзината куќа од ридот во близина.
Трајковска денеска раскажувајќи за глетката вели дека тоа утро спиела кога одронот паднал врз нејзиниот дом. Помислила дека е земјотрес, но сфатила што се случува кога нејзините соседи почнале да викаат однадвор.

Голем дел од куќата и дворот се оштетени, а дел од просториите во домот веќе се неупотребливи.
– Од куќата се оштетени двете купатила, терасата, сите елементи внатре што се, машина, мијалник целиот инвентар. Во новата бања имав доста чизми што ми беа во кутии, се е уништено не смее да се ризикува да се влезе внатре, се повеќе натежнува каменот, саатот за водомер е потрупан исто не смее да се ризикува да се затвори вентилот, раскажува Трајковска.

Вели дека пет дена живеат без вода, а струјата ја користат на ризик.
– Пет дена сме без вода, струјата е на ризик затоа што ако падне карпата и го прецвика кабелот може да дојде и до запалување, кабелот што води до бојлерот, до машина, додава таа.

Вели дека случајот го пријавила до надлежните, кои дошле фотографирале и рекле дека ќе преземат нешто каменот да се отстрани, но со денови ни трага ни глас од нив.
– Службите дојдоа во недела го видоа местото сликаа и ми рекоа дека ќе преземат сè што можат ќе се сретнат со градоначалникот да имаат некоја средба и дека ќе дојдат, но од тоа ништо. Поминаа неколку дена тие уште не сме договорени не знаеме која фирма да дојде, веќе вчера уште два – три пати вртев не кренаа телефон, се пожали Трајковска.

Во истиот двор оштетена е уште една куќа, дом на 81-годишна жена. Трајковска вели дека не може да оди на работа деновиве, а поради тоа може да се соочи и со отказ.
– Другата сосетка е 81-годишна жена ризично е да остане таа сама ако јас отидам на работа. Овие денови сум без дневница, така да можам да добијам и отказ, ако три дена не се јавиш следува отказ. Јас во исчекување да дојдат тие не одам на работа, а и поради тоа што не можам лична хигиена да си направам, раскажува низ солзи Трајковска.

Вели дека тука живее веќе 45 години и вакво нешто никогаш не посведочила. Со солзи во очите и треперлив глас, вели дека оваа глетка ќе и остане до крајот на животот и дека веќе ѝ е страв да живее во својот дом.

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски вели дека локалната власт е запознаена со проблемот, а веќе бил одржан и Општински штаб за заштита и спасување на оваа тема, при што комисија за проценка на штета веќе била на терен.
– На оваа локација, како што знаете, овој објект е од категоријата диво изградени, непрописно е изграден објектот и на подрачје на градот кое е со повисок ризик на одрони и не е прв ваков случај во градот. Ќе се обидеме во следниот период да ангажираме фирма која ќе го расчисти сето тоа, што се однесува до карпата и одронот, изјави Димитриевски.

Како што додава Димитриевски, реагирано е до Црвениот крст да се однесе еднократна помош на семејството, а општината ќе помогне да се намалат загубите.
– Ние како општина ќе стоиме на располагање на оваа семејство да ги намалиме материјалните загуби што ги доживеаја, а за среќа немаме човечки жртви или друг тип на оштетувања, освен материјални оштетувања. Сочуствувам со семејството, но сепак кога се работи со градење непрописно самата природа си го зема својот данок, изјави градоначалникот Димитриевски.

Никола Ивановски