Од почеток почна судењето за новата Клиничка болница во Штип, чие финансирање беше повлечено – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/21 2:33 PM

Од почеток почна судењето за новата Клиничка болница во Штип, чие финансирање беше повлечено

Судското рочиште меѓу градежната компанија „Бетон – Штип“ и грчката „Интеркат“ денеска започна од почеток во Основниот суд во Штип, откако  Врховниот суд го врати овде на повторно разгледување.

Денеска расправата меѓу предлагачот, грчката фирма „Интеркат“, и противникот, штипски „Бетон“, се одвиваше главно за тоа дали повторно треба да се преслушуваат сведоци и да се изведуваат доказите и дали треба да се прифати графолошкото вештачење на вештото лице.

Адвокатката на предлагачот, грчката фирма „Интеркат“, денеска побара во најкраток можен рок да се укине решението и да можат да поднесат приговор, затоа што, како што рече, трпат огромни штети, бидејќи сметката на фирмата е блокирана.

„Бараме да се усвои предлогот за постапка, остануваме на досега дадените наводи и доказите изведени од досегашната постапка и бараме да се следат напатствијата на Врховниот суд, кој дал јасни насоки да се земе предвид графолошкото вештачење на предлагачите, од каде јасно се гледа дека доставата не е извршена согласно закон“ – рече Гиноска.

Сашко Бошков, адвокат на штипски „Бетон“, пак, предлогот за повторување го нарече „неоснован“, а тоа произлегува од необразложувањето на изведените докази од претходна постапка. Тој кажа дека  сметката на „Интеркат“  им е одблокирана од 4 ноември годинава, а од страна на Министерството за здравство им биле платени 100.400.000 денари.

Бошков предложи судот повторно да ги изведе веќе изложените докази и повторно да се испитаат сведоците, Николчо Саздов, Димитар Димитриевски и Бобан Арангеловиќ.

„Исто така предлагам да се види дали вештото лице Андреј Фишиќ, кој го врши графолошкото вештачење, имал дозвола за вештачење, на кој начин и од кои докази го извршил“ – рече Бошков.

Ваквите предлози адвокатката Гиноска рече оти ги разбира како одолговлекување на постапката, што не е во ничиј интерес. Вели нелогично е да се бара изведување на докази кои се веќе изведени, а ниту пак потребата да се вика сведок кој бил повлечен, мислејќи на Бобан Арангеловиќ.

За лиценцата на вештакот Фишиќ, пак, таа рече оти точно е дека била истечена, но за тоа го упати судот да направи увид во регистарот на овластени вештаци на Министерството за правда.

„Дополнително доставувам записник од средба на четирите Апелациони судови (од март 2018) кој вели дека судот може да ја заснова својата одлука врз основа на вештачење изготвено од вештото лице чија лиценца од пет години, во моментот на вештачење била истечена, но истиот е запишан во регистарот“ – рече Гиноска, истакнувајќи дека Министерството за правда не можело да го одржи испитот за полагање на вештите лица од оваа област поради технички проблеми, па графолозите и натаму вршат вештачења.

Бошков на ова достави понов став на четирите Апелациони судови, од работна средба од 2020, во кој пак се вели дека во моментот на вештачење, вештото лице морало да има важечка дозвола, без разлика дали го има во регистарот на вешти лица.

Откако беше истакнат овој нов став, судијката Лилјана Јанкова рече дека мора да се расчисти прашањето со вештакот и тоа дали смеел да вештачи или не, со оглед на истечената лиценца, па тој повторно ќе се сослуша. Освен него, ќе се сослушаат и двајцата други сведоци, бидејќи адвокатот на „Бетон“ не даде согласност да се читаат досегашните изјави на сведоците. Сослушувањето на сведокот Рангеловиќ , пак, судијката го одби, бидејќи тоа би било во спротивност на парничната постапка, поради тоа што тој бил повлечен од постапката од страна на противникот.

Следното рочиште за овој предмет е закажано за 4 февруари.

„Бетон –Штип“ ја тужи грчката фирма „Интеркат“, за неисплатена работа на новата Клиничка болница во Штип. Грчката фирма го доби тендерот за изградба на болницата и го ангажира „Бетон“ како подизведувач. Грците пак парите си ги бараат од Министерството за здравство.

Од епилогот на ова рочиште и за стечајот на Бетон, ќе зависи изградбата на новата Клиничка болница во Штип, која моментално се одвива со бавно темпо, поради што кредиторот, Банката на Советот на Европа го повлече финансирањето.