Со 50 до 100 отсто поскапи комуналии ќе се легализираат дивоградби изградени до јануари 2021 – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/21 1:30 PM

Со 50 до 100 отсто поскапи комуналии ќе се легализираат дивоградби изградени до јануари 2021

Со новиот Предлог закон за бесправно изградени објекти предмет на легализација ќе бидат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на оние во границите на Охридскиот регион, заштитените подрачја како и згради, доградби и надградби на згради, времени и помошни објекти и слично.
Министерот Благој Бочварски соопшти дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни, надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти. Надоместот за легализација на електронски комуникациски мрежи ќе изнесува по 10 евра од метар изградена површина. Како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги, а од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.

Нема да може да се легализираат бесправни објекти во границите на Охридскиот регион, за кои е утврдено дека не се во согласност со Планот за управување со Светското природно и културно наследство како и дивоградби изградени во заштитни зони на аеродроми, на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, на сообраќајници и на подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на објекти од јавен интерес…Не може да се легализираат ниту згради како и доградби и надградби на згради со намена А2, како и сите видови на времени објекти (базени, гаражи), сите видови на урбана опрема и помошни објекти кои се во функција на друг објект.
Еден барател ќе може да легализира само еден објект.

Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот.
-Нашата цел е да донесеме функционален закон со кој ќе го заокружиме процесот на бесправното градење во државата, истакна Бочварски.