На свечена церемонија во хотелот „Лимак“ во Скопје, Македонската кошаркарска федерација ги награди најдобрите во кошаркарскиот спорт за 2021 година.
Најдобри младински екипи за 2021 се Бадел 1862 (жени) и Работнички (мажи).
Анета Глигорова е најдобар тренер во женска младинска екипа, а тренерот на Работнички Андреј Апостолски Лечиќ доби признание во машка конкуренција.
Најдобра млада кошаркарка за 2021 година е Михаела Алексовска од ЖКК Крива Паланка, а синот на легендарниот Тони Симиќ, Теодор Симиќ кој настапува за Барселона и од годинава за сениорската репрезентација, е најдобар млад кошаркар за 2021.
Тренерот на рускиот Автодор од Самара, Емил Рајковиќ е најдобар македонски репрезент во странство откако годинава на Астана од Казахстан и донесе нова двојна титула па се пресели во Русија.
„Кино Влае“ од Скопје е најдобар тим во баскет 3х3, а Ервин Цого од овој тим е најдобар баскетџија.
Игор Митровски е прогласен за најдобар судија во македонската кошарка.
Баскет Кам 2011 е најдобра женска екипа. За првпат во историјата на Македонска Каменица кошаркарите на Баскет Кам освоија двојна круна. Нивниот тренер Александар Ашаданов е тренер на годината во женска екипа.
МЗТ Скопје и годинава стигна до двојната круна па очекувано е најдобра машка екипа. Младиот тренер Горан Самарџиев од Еуро Никел 2005 е најдобар тренер на годината во Македонија затоа што со многу послаб тим стигна до финале на плејофот и ги врати навивачите назад во салите.
Анџелика Митрашиновиќ од Баскет Кам/Тарбес Франција и Андреј Магдевски од МЗТ Скопје/Плоешти Романија ги понесоа признанијата за играчи на годината.
Македонската федерација не заборави на еден јубилеј – десет години од најголемиот успех во историјата на македонската кошарка. Освојувањето на четвртото место на Европското првенство во 2011 година во Литванија.
Уште еднаш, на исто место се најдоа најголем број од членовите на славниот македонски тим кој пред десет години тргна во поход на Европа во срцето на Балтикот.
Посебни признанија, како потсетување на најголемиот успех во историјата добија: Димитар Мираковски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Лестер Мекејлеб, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Ивица Димчевски, Ѓорѓи Чековски, Предраг Самарџиски, Марин Докузовски, Марјан Лазовски (постхумно), Марјан Србиновски, Благоја Кечовски, Сандро Бенкардино, Врбица Стефанов, Михаило Маноилов, Ненад Попоски, Никола Николовски, Зоран Крстевски, Иван Ивановиќ, Даниел Димевски, Дејан Лекиќ и Илија Мерџановски.
Македонската кошаркарска федерација додели и посебно признание за промоција на инклузивно спортување на лицата со попреченост на Специјална Олимпијада на Македонија предводена од Дарко Крстиќ и Драган Караџовски, заедно со петте атлети: Мирослав Георгиевски, Виктор Бошковски, Јане Никодиновски, Адо Дупљак и Горјан Стојковски.
Постхумно, федерацијата им додели плакети на членовите на семејствата на кошаркарските работници за исклучителни постигнувања во кошаркарскиот спорт: Благоја Георгиевски – Буштур, Марјан Лазовски, Драган Василов – Цевка, Војислав Зивчевиќ и Анте Дуковски.
О.К.
фото: КФСМ