Антикорупциската комисија која од март остана само на хартија, ќе има проширени надлежности, предвидени со новите законски измени кои ги презентираше министерката за правда, Рената Дескоска, а кои од денеска се ставени на јавна дебата. Според неа, антикорупционерите ќе може да ја следат и утврдуваат законитоста на финансирањето на политичките партии:
„Во случај на сомневање за незаконско финансирање на политичка партија, ДКСК по сопствена иницијатива да презема мерки за утврдување на фактичката состојба“.
Следната надлежност на ДКСК, како што рече Дескоска, ќе биде контрола на финансиско-материјаното работење во предметите по кои постапува, по извештаите на Државниот завод за ревизија за контрола на постапките кои укажуваат на незаконитости во материјално-финансиското работење на буџетски корисници.
– Законските измени предвидуваат годишна контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на ДКСК, а се проширува и кругот на лица чија имотна состојба ќе поднесуваат анкетен лист до оваа Комисија – појасни Дескоска.
Во контекст на тоа, министерката за правда додаде дека, покрај сите избрани и именувани, одговорни лица во јавни претпријатија.
Предлог Законот за измени на Законот за спречување корупција следната недела ќе биде тема на тркалезна маса, по што ќе биде испратен и во Собрание. Дескоска денеска појасни дека измените, предвидуваат и нов состав на Комисијата, па наместо седум таа ќе брои пет членови:
„Предвидено е ДКСК да биде составена од претседател и четири члена, кои ги именува Собранието на РМ со мандат од пет години, без право на повторен избор во наредните пет години“.
Во март годинава, пет од седум членови на Антикорупциската комисија си поднесоа оставки, а прв тоа го стори претседателот Игор Тантуровски. Оставките следеа по ревизорскиот извештај кој покажа дека некои од антикорупционерите поднесувале по три патни налози за ист ден, односно дека ист член на комисијата во еден ден бил и во странство и на седница на комисија. Јавното обвинителство соопшти дека веќе отворило предистрага по допрен глас околу наводите во ревизорскиот извештај.