Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2021 година изнесува 29.145 денари и таа е за 4,5 отсто поголема во споредба со истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Според податоците, ваквото зголемување се должи, пред сѐ на растот на месечната плата по вработен во секторите: други услужни дејности (11,7 отсто), објекти за сместување и сервисни дејности со храна (10,1 отсто) и информации и комуникации (10,1 отсто).
Во однос на претходниот месец, во октомври просечната нето-плата е зголемена во секторите: трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (3,5 отсто), објекти за сместување и сервисни дејности со храна (2,1 отсто) и други услужни дејности (2,0 отсто).
Како и во сите извештаи на ДЗС, така и во овој, највисоки исплатени просечни плати имале вработените во секторот информации и комуникации, 55.488, односно во дејноста компјутерско програмирање, каде просекот изнесува 73.540 денари. По нив се вработените во производството на фармацевтски производи и препарати, каде во октомври просечната плата била 47.933 денари. И банкарите спаѓаат во најплатените професии во државава. Просечната плата во финансиските дејности и дејностите на осигурување во октомври била 43.353 денари.
Од друга страна, пак, најниски плати се исплатени во секторот административни и помошни услужни дејности, 21.929 денари, каде во делот заштитни и истражни дејности просечната плата била 16.216 денари, а кај услугите со одржување на згради 18.131 денари.
Во најниските плати се и оние на вработените во кожарската дејност и производството на облека, каде во октомври годинава просекот бил 17.873, односно 18.864 денари.
М.Т.