Растот на минималната плата треба да биде последица на пазарни механизми, зголемена продуктивност на работната сила и на зголемена економска активност на бизнис секторот, а не политичка одлука, бидејќи тоа ќе доведе до нарушување на ликвидноста на фирмите, раст на невработеноста и економска дестабилизација, оценуваат од Сојузот на стопански комори (ССК).
„Како претставници на бизнис заедницата секогаш поддржуваме зголемувањето на платите, ако тоа е последица на пазарните механизми, зголемената продуктивност на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис секторот. Со над 20.000 компании членови на Сојузот, имаме обврска да ја предупредиме јавноста за последиците од политички мотивирано покачување на минималната плата на 18.000 денари, на и онака нефункционалниот пазар на труд“, истакна Благоја Грозданов, член на Управен одбор на ССК, на денешната прес конференција.
Тој потсети дека, во Закон за минимална плата има вграден механизам согласно кој таа се зголемува во март секоја година, и тоа, третина според растот на просечната плата во државава, третина од порастот на трошоците на живот и третина од реалниот пораст на БДП.
Спиред ССК, растот на платите дополнително ќе ги зголеми трошоците на фирмите што може да доведе до зголемување на невработеноста, отежнат процес на нови работни места но и до понатамошен раст на цените на производите и услугите, а исто така ќе се поттикне инфлацијата.
„Владата треба да спроведе мерка за намалување на стапките на придонесите. Ефективната стапка на придонеси на бруто плата е околу 33 проценти. На повисоко поставена минимална плата од 18.000 денари, вкупниот трошок за работодавачите, со вклучен данок на личен доход и придонеси би бил околу 27.000 денари, однос за околу 50 проценти повеќе од самата нето плата“, рече Александра Андреева која додаде дека ваквата ситуација на среден рок ќе води и кон зголемување на сивата економија.
М.Т.