Десет километри автопат кон Кичево ќе се градат за 110 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/21 10:41 AM

Десет километри автопат кон Кичево ќе се градат за 110 милиони евра

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)  одобри кредит во износ од 110 милиони евра за финансирање на изградбата и услугите за супервизија на 10,2 километри автопат од Коридорот 8 на потегот од Букојчани до Кичево, заедно со деталниот нацрт на под-секцијата од 4 километри. Европската Унија го кофинансира проектот со ЕУР 20 милиони инвестициски грант, преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).

Претставникот на ЕБОР Анди Аранитаси на церемонијата на потпишување на договорот рече дека уште од 2001 година банката игра уникатна улога во поддршката на патниот сектор во земјава.

-Ја финансираше изградбата и модернизацијата на регионалните, локалните и Пан-Европските патишта, и обезбеди политички дијалог за зајакнување на институциите во земјата. Со оваа нова инвестиција, повторно ја потврдуваме нашата посветеност за изградба на подобра транспортна инфраструктура во земјата за добро на сите во граѓани и бизниси, посочи Аранитаси.

Министерот за финансии Фатмир Бесими нагласи дека Коридорот 8, чиј дел е и делницата од Букојчани до Кичево,  е еден од стратешките проекти за инфраструктурата на земјата, кој ќе ја направи поконкурентна.

-Со изградба на патната инфраструктура од Коридорот 8, во земјава ќе се заокружи изградбата на пан-Европскиот коридор значаен за подобра поврзаност на Северна Македонија, Албанија и Бугарија кон останатите европски земји. Ова ќе отвори нови пазари за македонските компании, ќе ја подобри нивната конкурентност и ќе овозможи одржлив економски раст, посочи Бесими.

ЕБОР досега за изградба на патишта во земјата, има обезбедено над ЕУР 400 милиони.

Коридорот 8 се протега на приближно 305 километри на територијата на државава и поврзува 62 отсто од популацијата во земјата. Коридорот 8 е патнички и железнички коридор од исток кон запад, кој се протега од бугарското пристаниште Варна на Црно Море до албанското пристаниште Драч на Јадранско Море. Опфаќа морски и езерски пристаништа, аеродроми, патишта и железница, во вкупна должина од 1.270 километри железница и 960 километри патишта.

МИА