Екс министерот за култура е чист како солза, ако се утврди нешто јас давам оставка, вели Африм Гаши – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/21 8:19 PM

Екс министерот за култура е чист како солза, ако се утврди нешто јас давам оставка, вели Африм Гаши

Екс министерот за култура е чист како солза, изјави претседателот на Алтернатива, Африм Гаши вечерва во Дневникот на ТВ Сител, во однос на барањето од Антикорупциска да се покрене од страна на Обвинителството кривична постапка за поранешниот министер за култура, Хусни Исмаили, за кој постои сомневање дека ја злоупотребил службената положба и овластувања и го оштетил буџетот на државата во постизборен период.

Исмаили е дел од партијата Алтернатива и е номиниран за потпретседател на Собранието.

– Воопшто не е точно тоа, ова е многу индикативна иницијатива започната од политички структури, целосно политизирана. Јас тврдам дека Хусни Исмаили е чист како солза, јас повеќе му верувам нему отколку себеси. Така што со полна одговорност тврдам дека нема ништо неодговорно направено и нечесно тој човек. Ако се утврди нешто такво јас давам оставка од политиката, изјави Гаши.

Прашан како ќе функционираат во локалната власт, Гаши рече дека нивниот став е оти на локално ниво проблемите на граѓаните се поинакви и сакаат да останат верни на тие коалиции. Појасни дека со Алијанса за Албанците имале коалиција, додека со ВМРО-ДПМНЕ само соработка за поддршка на кандидатите во некои општини.

– Се додека еднострано не се прекине соработката, Алтернатива ќе остане дел од тие позиции што ги имала пред локалните избори, рече Гаши.

Претседателот на Алтернатива сепак гледа и можност за повторна соработка со овие партии за некои следни избори.

– Политичките партии во Македонија не треба да се забарикадирани во политички ровови, треба да комуницираат, треба да има различни коалиции, соработка на различно ниво. Но, тоа треба да се направи врз основа на принципиелни критериуми и политики кои се во добробит на сите граѓани. Се трудам да ја подобрам политичката култура во државата, мислам дека тоа е здраво за целата политички реалност во државата и само така можеме да одиме напред. Поинаку со инсинуации, закопани во политички ровови, само ќе ја зацврстиме омразата помеѓу граѓаните, а тоа на никому не му треба, рече Гаши. цр/хс/