„Палјачи“ во Штип доби спомен-плоча на 93-годишнината од изведбата на првата опера во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 08/30/18 9:53 AM

„Палјачи“ во Штип доби спомен-плоча на 93-годишнината од изведбата на првата опера во Македонија

ММС, 30.08.2018

Спомен-плочата е поставена на фасадата на Домот на младите, некогашен офицерски дом, во кој на 29 август 1925 година била поставена операта од Леонкавало под диригенство на Сергеј Михајлов, чие име денес го носи Музичкото училиште во Штип, во режија на Душан Будимировиќ, а на сцената, освен градскиот хор „Единство“, настапиле петмина актери од таа вечер и оперски пејачи

Пишува: Љупчо Шатевски

Со пригоден концерт, на кој ученици и професори од државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ изведоа дела од познати светски класици на летната сцена на Домот на младите, синоќа во Штип беше откриена спомен-плоча посветена на првата изведба на опера во Македонија. Спомен-плочата е поставена на фасадата на денешниот Дом на млади, некогашен офицерски дом, каде што пред 93 години, на 29 август 1925 година, била поставена операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало.

Спомен-плочата во чест на првата опера

Операта била изведена под диригенство и во клавирска придружба на легендарниот Русин Сергеј Михајлов, кој работниот век го поминал во Штип и од 2005 година штипското музичко училиште го носи неговото име, а во режија на Душан Будимировиќ, кој имал студирано драматургија во Берлин. Билетите за премиерата, по цена од 15, 30 и 50 тогашни динари, биле однапред распродадени. На сцената бил тогашниот градски хор „Единство“, како и петмина тогашни штипски актери, а од таа вечер и оперски пејачи – Андреј Шчербаков, емигрант од Советскиот Сојуз, кој ја толкувал улогата на Канио, Ристо Ѓурѓичков (Тонио), Славко Нетков (Силвио), Глигорие Ќурчиски (Арлекин) и Благородна Бурева, првата македонска оперска певица, во улогата на Неда.

Од синоќешниот концерт на летната сцена на Домот на млади

Поставена 22 години пред првата изведба на опера во слободна Македонија

– Тоа бил голем чекор за развојот на музичкиот живот кај нас. Секако, „Палјачи“ била одиграна ентузијастички, без оркестар, туку само со клавирска придружба. Но, тоа се случувало 22 години пред првата изведба на опера во слободна Македонија – на 9 мај 1947, кога во Скопје била поставена „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи. Големи се заслугите и на тие ентузијасти и уметници од пред 93 години што денес во Штип имаме нижо и средно музичко училиште, Музичка академија, што многу штипјани направија врвни музички кариери и надвор од Македонија – вели музикологот Димитар Митевски.

Во пред неколку години објавената книга „Театарски записи“ од неодамна починатиот штипски хроничар Кирил Петров, се објавени повеќе автентични сведоштва и запишани сеќавања за првата изведба на опера во Македонија, меѓу кои и на Благородна Бурева (1903-1977) и на Сергеј Михајлов (1885-1975), кој имал високо музичко образование стекнато во својот роден град Харков, Украина, кој го напуштил по Октомвриската револуција во Русија, а во Македонија дошол во 1921 година.

Плакатот за премиерата на „Палјачи“

„Театарскиот живот во Штип тие години бил во голем подем. Но, Душан Будимировиќ и Славко Нетков не мирувале. Кога се запознале со Сергеј Михајлов, кој во Македонија првин дошол во Гевгелија, и го сознале неговиот голем музички потенцијал, веднаш го поканиле да се пресели во Штип. Тоа и се случило. Михајлов дошол во Штип во 1924 година и во него останал се’ до својата смрт, притоа оставајќи неизбришлив печат во музичкиот живот во градот и во Македонија, за што во 1969 година ја има добиено и наградата ‘Климент Охридски’. Сите петмина учесници што ги толкувале улогите во „Палјачи“ биле многу талентирани актери и пејачи и сите имале високо образование. Бурева и Нетков имале завршено филолошки, Ѓурѓичков филозофски факултет, а Ќурчиски бил лекар“, запишал Кирил Петров.

Сергеј Михајлов и Благородна Бурева

По „Палјачи“, одиграни уште десетина опери и оперети

Операта „Палјачи“ била регистрирана како 201. претстава на тогашниот штипски театар и како прва опера. За тоа иформирал и тогашниот печат, како за прва оперска претстава во Штип „и во цела Јужна Србија“. Како подготовка и „загревање“ за „Палјачи“, во 1924 година била поставена оперетата „Ружица“ од Сергеј Михајлов. По „Палјачи“, која по премиерата имала и три репризи, во следните десетина години во Штип биле поставени уште десетина опери и оперети, како „Фауст“, „Севилскиот бербер“, „Мамзел Нитуш“, „Гејша“… Списокот со актери и пејачи се проширувал, а со дел од претставите се гостувало и во соседните градови.

Во чест на пионерите од првата македонска опера, пред 13 години, на 80-годишнината од нејзиното поставување, Операта на МНТ во Домот на културата во Штип настапи токму со „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало.

ВО 1925 ГОДИНА ВО ШТИП БИЛА ОДИГРАНА И „МАРУША“, ПРВАТА ЗАБРАНЕТА ДРАМА ВО МАКЕДОНИЈА

Дека во тој период во Штип имало интензивен театарски и музички живот потврдува и претставата „Маруша“ од штипјанецот Васил Хаџикимов и од Душан Будимировиќ, напишана една, а одиграна три години пред „Бегалка“. Била одиграна премиерно и уште еднаш или двапати репризно во 1925 година, а потоа во истата година била забранета од тогашните власти, со што официјално е првата забранета македонска драма. За текстот долго време се сметаше дека е исчезнат, но во 2004 година театарската критичарка и публицистка Лилјана Мазова случајно го нашла во Нови Сад, град во кој се вратил Душан Будимировиќ по неговиот подолг престој во Штип. Мазова пред две години во Штип ја промовираше книгата „Маруша вратена дома“, во која е објавен и драмскиот текст од 1925 година.

„Маруша“ е битова драма во три чина, од кои првиот се случува во позната белградса кафеана, а вториот и третиот во Македонија. Во драмата се говорело македонски, на штипски дијалект, на српски и на француски јазик, во зависност од каде биле ликовите. Содржи и 17 песни од македонската музичка историја, обработени од Ристо Ѓурѓичков, а улогата на Маруша ја играла Благородна Бурева, уште еден лик од „Палјачи“. Има повеќе претпоставки зошто била забранета „Маруша“. Најчестите претпоставки за причината за симнувањето од репертоарот се гледаат во евентуалната неподобност на содржината за тогашната српска управа, во користењето на јазикот, на македонските песни, но официјално не се знае за што конкреттно е забранета.