Неделата ќе биде неработна, оние кои ќе работат ќе имаат најмалку за 50 отсто поголема дневница и слободен ден, изгласаа пратениците – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/21 2:27 PM

Неделата ќе биде неработна, оние кои ќе работат ќе имаат најмалку за 50 отсто поголема дневница и слободен ден, изгласаа пратениците

На денешната седница во Собранието, пратениците со 62 гласа „за“ и ниту еден против го изгласаа законското решение кое го дефинира денот недела како ден за неделен одмор.

„Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92 проценти од работниците“, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на измените во Законот за работните односи, со кој се утврдува недела како неработен ден.
Целта на ова законско решение е воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.
Според Шахпаска, трудот на работниците мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена.
Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, зголемена за 100 отсто. А, дополнително, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.